Фото: Васка Мојсовска
Во услови на недостиг од вода и слаба инфраструктура, соочени со сериозни предизвици, земјоделците бараат поголема поддршка од државните и од локалните институции. Но, без координирана и долгорочна стратегија, ризиците за приносите и за македонската економија можат да бидат катастрофални.
Автор: Мики Трајковски*
Лозарството во Вардарскиот Регион на Македонија, особено во делот на Повардарјето, се соочува со сè поинтензивни предизвици поради климатските промени. Од мразеви и градови до суши и обилни дождови, временските екстреми значително влијаат врз приносите, квалитетот на грозјето и можноста за одржување на пазарот. Земјоделците велат дека промените стануваат сè поочигледни од година во година, што го комплицира планирањето и бара адаптивен и професионален пристап кон земјоделството.
Васка Мојсовска, лозарка од неготинското село Тимјаник, е една од оние што на свој грб го чувствува влијанието на климатските промени.
„Во 2024-та имавме катастрофална година поради сушата, а во 2023 година обилните дождови направија големи штети. Веќе ретко се случува условите да бидат идеални. Не може како некогаш што било да опстанеме со мали површини и мали количини. Мора да работиме на поголеми површини ако сакаме да имаме некаква заработка“, вели таа.
Мојсовска, која е дел и од Управниот одбор на Националната федерација на фармери, вели дека лозарите се заштитуваат колку што можат, според своите финансиски можности.
„Од ден на ден климатските услови се менуваат, а со тоа и пазарот. Секоја година се соочуваме со нови предизвици, па секој што сака да живее од земјоделие, мора да работи професионално“, тврди таа.
Мојсовска додава дека адаптацијата кон новите услови е сложена, бидејќи лозарството подразбира инвестирање во долгорочни насади што траат 20-30 години.
Сето ова го загрозува опстанокот на лозовите насади и влијае врз квалитетот на грозјето. Како резултат на овие промени, лозарите се принудени да развиваат адаптивни стратегии, да инвестираат во заштитни системи и да бараат сорти отпорни на суша и топлина, како што е автохтоната „станушина“.
Повардарјето особено ранливо на климатските промени
Глобално, просечната температура на земјата се зголемува со стапка од околу 0,2°C на деценија, а екстремните временски настани стануваат почести. Во Европа, периодите на суша и екстремни топлотни бранови се зголемени и до 30 проценти во последните 50 години, со директно влијание врз земјоделството.
Професорот Зоран Димов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје смета дека сите параметри неопходни за правилно земјоделско производство се менуваат во неповолна насока, создавајќи предизвици за лозарството и другите култури. Според неговата студија „Климатски промени – предизвици во земјоделството“ од 2021 година, локално најранливи региони на климатските промени во Северна Македонија се Повардарјето, особено кај вливот на реките Црна и Брегалница (Кавадарци и околината), југоисточниот дел (Струмица), јужната Вардарска Долина (Гевгелија), Скопско-кумановската Рамнина и Овче Поле.
Со констатацијата дека Вардарскиот Регион е еден од најпогодените од климатските промени, се согласуваат и од организацијата Центар за климатски промени.
„Како најтопол регион во државата, тој е првиот што ги чувствува последиците од дезертификацијата (опустинувањето). Најпогодени подрачја се оние во должина на поречието на Вардар (Велес, Градско, Кавадарци, Неготино, Демир Капија). Овие подрачја се соочуваат со екстремни топлински бранови каде што температурите се задржуваат над 40°C со денови, што доведува до енормно испарување на влагата од почвата. Дополнително, често земјоделските површини се без систем за наводнување и овде штетите се речиси стопроцентни во сушните години“, вели за „Локал Актив Вардар“ Бојана Станојевска Пецуровска, претседателка на Центарот за климатски промени.
Токму затоа, според неа, приоритет мора да биде приспособувањето на земјоделството и управувањето со водните ресурси на реката Вардар, бидејќи сушните периоди стануваат подолги и поинтензивни.
Екстремното време го намалува приносот и квалитетот на земјоделските култури
Сѐ поочигледните температурни разлики и драстичните промени во временските околности го намалуваат приносот, квалитетот на грозјето и создаваат финансиска неизвесност за земјоделците.
„Иако лозата сака сонце, екстремните температури и УВ-зрачењето ги оштетуваат листот и зрното. Се намалува приносот, но уште полошо, се менува хемискиот состав на грозјето (премногу шеќер, малку киселини), што е сериозен проблем за винската индустрија“, објаснува Станојевска Пецуровска.
Анализи и проекции за влијанието на климатските промени
Професорот Зоран Димов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје истакнува дека климатските промени носат значително намалување на продуктивноста и висок ризик за лозарството во Македонија.
Според неговата студија, проекциите до 2100 година покажуваат дека во споредба со периодот од 1961 до 1990 година, просечниот пораст на температурата во 2025 година е 1,0 °C, во 2050 година ќе биде 1,9 °C, во 2075 2,9 °C и 3,8 °C до крајот на векот.
Во однос на просечното количество врнежи, анализите говорат дека во 2025 година тие се помали за 3%, за 5% ќе бидат помали во 2050, 8% во 2075 и 13% до 2100 година.
„Овие промени создаваат неповолни услови за земјоделско производство. Најкритични фактори се дефицитот на вода, аридноста и сушата“, објаснува професорот.
Дополнително, староста на насадите и малиот размер на парцелите ја зголемуваат ранливоста: повеќе од 60 отсто од лозовите насади се постари од 15 години, а долгогодишната фрагментација на земјоделското земјиште ја намалува ефикасноста на адаптивните мерки.
„Оваа состојба со мали парцели и стари насади го прави лозарскиот сектор подложен на негативните влијанија од климатските промени, особено поради нискиот капацитет на земјоделците да применуваат ефикасни мерки за адаптација на климатските промени и ниската ефикасност на адаптивните мерки на мали парцели“, алармира професорот Димов.
Добиените резултати претпоставуваат дека културите би се одгледувале без наводнување, поради што намалувањето на приносот е толку драматично.
Анализите на Центарот за климатски промени покажуваат дека во регионот на удар се и градинарските култури, какви што се доматите и пиперките. Поради недостиг на вода и топлотен стрес, овие култури во Вардарскиот Регион веќе не можат да опстанат на отворено без сериозна заштита, како, на пример, мрежите за засенчување и системите „капка по капка“. Под закана е и овоштарството, пред сѐ праските и кајсиите. Овде проблемот е спротивен – екстремните временски настани вклучуваат и рани пролетни мразеви по невообичаено топла зима. Овошките цветаат порано, а потоа еден мраз во април може да ја уништи целата годишна реколта.
„Она што се забележува на терен е нарушен хидролошки циклус. Реката Вардар и нејзините притоки во летниот период имаат рекордно ниски водостои. Ова предизвикува проблеми со зафаќање вода за наводнување токму кога е најпотребна. Понатаму, деградација на почвата што се јавува најчесто поради силните суши проследени со ненадејни поројни дождови, плодната почва се измива со ерозија, оставајќи ја земјата помалку продуктивна за идните генерации. Исто така, земјоделците се принудени да ги менуваат термините на сеидба и берба, а многумина веќе размислуваат за промена на сортите со такви што се поотпорни на суша“, објаснува Станојевска Пецуровска.
„Сè потешко е да се живее од лозарство“
Земјоделките со кои разговаравме велат дека трпат сѐ поголеми штети и финансиски загуби поради драстичните временски промени.
„Високите температури и проблемите со водоснабдувањето се главни пречки за производство на вино. Но, и покрај тоа, продолжуваме со работа, бидејќи лозарството е основа на егзистенцијата на нашето семејство. Не се откажуваме и продолжуваме да вложуваме во нашите лозови насади“, вели Силвана Ѓеорѓиева, лозарка од Неготино.
„Наводнувањето е голем предизвик. Тешко се снаоѓаме и мораме да пронаоѓаме сопствени решенија за да опстанеме“, вели нејзината сосетка Тања Орешкова.
„Поради недостиг на вода и непредвидливи временски услови, губиме квалитет и квантитет. Мислам дека денес е сѐ потешко да се живее само од лозарство, бидејќи немаме доволно купувачи. Поради ваквата ситуација има сѐ повеќе празни земјоделски површини, кои остануваат необработени, иако во минатото биле покриени со лозови насади. Но, ние продолжуваме да инвестираме и да бараме начини да ги заштитиме насадите“, вели Маја Томов, сопственичка на мала винарница.
Лозарите бараат излез во „станушина“
Климатските промени влијаат врз сите фази од одгледувањето на лозата. Раното зреење придонесува за намалување на периодот за формирање шеќери во зрното грозје, влажните периоди и обилните дождови носат зголемен ризик од болести, а високите температури и сушата придонесуваат за поголема ранливост на насадите, особено кај постарите лозови насади.
И покрај сериозните предизвици, некои сорти покажуваат поголема отпорност на климатските промени, како што е автохтоната македонска сорта „станушина“. Дел од лозарите веќе ја интегрираат во своите насади за да обезбедат стабилен принос и квалитет на виното.
Земјоделците од Тимјаник истакнуваат дека иако изборот на отпорни сорти е важен, клучна е и достапноста на пазарот за нивните производи.
„Не можеме да ја посадиме само затоа што е отпорна сорта, а утре да нема каде да го продадеме виното“, објаснуваат тие.
Овие примери покажуваат дека, иако климатските услови се непредвидливи, земјоделците се обидуваат да се адаптираат со комбинација на традиционални и модерни практики.
Капка по капка против сушата
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја истакнува својата улога во поддршката на земјоделците, со цел приспособување на климатските промени. Тие тврдат дека преку Програмата за рурален развој се обезбедуваат средства за инвестиции во системи за наводнување „капка по капка“, кои овозможуваат рационално користење на водата и намалување на последиците од суши.
Министерството посочува дека се поддржуваат и инвестиции во заштита од временски непогоди, какви што се противградни мрежи и системи против измрзнување, со кофинансирање до 50 отсто од вредноста на инвестицијата, што овозможува земјоделците да инвестираат во отпорни сорти и да се приспособат на климатските промени.
„Целта е производството да се приспособи на новите климатски услови и да се намалат ризиците од штети“, велат оттаму.
Исто така, АД „Водостопанство на РСМ“ подготвувало годишни планови за распределба на водата за да се обезбедат доволни количини за земјоделците во текот на летниот период.
„Во случај на штети од временски непогоди, земјоделците пријавуваат штета во општините, каде што се формираат комисии што вршат процена и доставуваат елаборат до Комисијата за процена на штети при Владата“, додаваат од Министерството.
Според нив, државата преку науката и експертските препораки ги советува земјоделците при изборот на сорти и насади што се поотпорни на климатските промени, со цел да се минимизираат ризиците и економските загуби.
Локалната власт помага со мерни станици и обесштетувања
Општините Неготино и Кавадарци преземаат активности за поддршка на лозарството и намалување на негативните влијанија од климатските промени, но со ограничен опсег.
Во Неготино, Општината има поставено 10 мерни станици за електронско набљудување на атмосферските влијанија врз лозаро-овоштарските насади. Станиците овозможуваат следење на влажноста на воздухот, на сончевите денови, на количеството врнежи и температурни осцилации, што помага за точна процена на ризиците за културите. Од Општината велат дека овие податоци им овозможуваат на земјоделците поточно да користат заштитни средства, да го зголемат приносот и да го подобрат квалитетот на производството.
Оттаму објаснуваат дека мерните станици овозможувале да се предвиди и потенцијалниот третман на лозаро-овоштарските насади што, пак, придонесувало за намалување на трошоците за третирање со пестициди, зголемен принос на производството и значително подобрување на неговиот квалитет.
Во делот на обесштетувањето на земјоделците, по секое премрзнување или предизвикување штети од други причини во Општина Неготино се формираат соодветни стручни комисии што излегуваат на терен, вршат процена на штетите, и врз основа на нивните извештаи се обесштетуваат земјоделците.
„Во делот на алтернативните решенија за заштита, сето тоа го прават самите земјоделци преку иновативни процеси, како, на пример, заштита со мрежа на лозаро-овоштарските насади. Но, за волја на вистината, бројот на тие и такви земјоделци е мал“, велат од Општина Неготино.
Во Неготинско има намалување на површините со лозови насади, но покрај на климатските промени, тоа се должи и на ред други фактори.
Во Кавадарци проектот „Смарт земјоделство“ опфаќа поставување мерни станици на 18 локации за мониторинг на земјоделските површини. Податоците се користат за модели за прогноза на болести на лозовите култури, овозможувајќи им на земјоделците да аплицираат заштитни мерки само кога е неопходно, со цел намалување на трошоците и зголемување на приносот.
„Со моделите за прогноза на болести, се детектира времето на настанување на инфекциите на болести на одредени култури. Оваа детекција се однесува на невидливиот дел (болести), а со тоа и земјоделците да можат да направат правилна заштита на секоја култура според детекцијата на болеста и нејзиниот интензитет. На овој начин се овозможува да се користат заштитни средства само кога е неопходно“, велат од Општина Кавадарци за „Локал Актив Вардар“.
Исто така, во Општина Кавадарци има Комисија за елементарни непогоди, која изготвува списоци на оштетени лица и ги доставува до Министерството за земјоделство за финансиска поддршка. Велат дека значително се намалени лозовите насади, но оти причина не се само климатските промени, туку за тоа постојат повеќе фактори.
„Општината не учествува во насоки на нови и отпорни насади“, додаваат од Општина Кавадарци.
Адаптацијата бара инвестиции, знаење и државна поддршка
Сепак, и покрај овие локални иницијативи, земјоделците се соочуваат со реални ограничувања. Недостигот на вода, слабата функционалност на системите за наводнување и ограничените финансиски ресурси го отежнуваат нивното приспособување на климатските промени.
Земјоделките Васка Мојсовска, Силвана Ѓеорѓиева и Маја Томова истакнуваат дека приспособувањето на климатските промени бара долгорочна стратегија и комбинација на локални и државни мерки:
„Потребна е поголема поддршка од државата за инфраструктура и за системи за наводнување“, велат тие.
„Сметам дека треба да има поголема поддршка од државата, особено за семејствата што се определени само на работа со земјоделие, односно кои се регистрирани земјоделци и кои се занимаваат само со таа дејност“, вели Силвана Ѓеорѓиева, земјоделка.
„Треба што повеќе површини со лозарство да насадиме пред влезот во ЕУ, бидејќи потоа само треба да ги одржуваме насадите, а не можеме да ги зголемуваме како членка на ЕУ“, вели Васка Мосјовска.
Македонија доцни со носење Закон за климатска акција
Македонија има развиено стратегиска рамка, но клучниот предизвик лежи во нејзиното законско формализирање и операционализација. Државата веќе ја има донесено долгорочната стратегија за климатска акција до 2050 година, која предвидува трансформација на земјата во нискојаглеродна економија. Исто така, постои и ревидираниот национално утврден придонес (NDC), со кој земјата се обврзува на сериозно намалување на емисиите на стакленички гасови.
„Сепак, иако имаме стратегија, Македонија веќе неколку години се соочува со доцнење на донесувањето на Законот за климатска акција. Овој закон е неопходен бидејќи тој ќе ја воспостави правната обврска за сите институции и сектори да ги следат климатските цели, а не само да ги третираат како препорака. Во таа насока, она што треба да се направи е донесување на Законот за климатска акција, да се финализира Националниот план за адаптација (NAP), затоа што стратегијата се фокусира на ублажување (намалување емисии), но овој план е клучен за тоа како да се справуваме со веќе настанатите штети (поплави, суши)“, вели Станојевска Пецуровска, претседателка на Центарот за климатски промени.
Како клучна мерка за иднината, од Центарот за климатски промени предлагаат формирање Национален фонд за посебни ризици, кој би служел како стабилен финансиски извор за брза реакција и санација на штетите. Наместо реактивен пристап, велат дека фокусот мора да се насочи кон превенција, системи за рано предупредување и едукација на населението, особено во земјоделските региони каде што човечкиот фактор е често причина за пожари на отворено.
„За да се зајакне отпорноста, неопходно е итно воспоставување унифицирана дигитална база на податоци за штети и зајакнување на меѓуопштинската соработка на ниво на плански региони. Наместо само да се санираат последиците, државата и општините мора да инвестираат во превентивна инфраструктура – системи за наводнување, заштитни мрежи и уредување на речните корита, бидејќи само со стратегиско планирање и зголемени локални буџети за климатска адаптација, ќе може да се заштити земјоделското производство и економската стабилност на најпогодените региони“, вели Станојевска Пецуровска.
Инвестирањето во климатска отпорност денес, според неа е единствениот начин да се осигури одржлива иднина и да се намалат економските бенефити од превенцијата во однос на огромните трошоци за обесштетување.
Професорот Зоран Димов предупредува дека ако не се преземат адаптивни мерки, очекуваното намалување на приносите на лозата според проекции до 2100 година може да достигне до 59%, а економските загуби би можеле да надминат 24 милиони евра годишно.
Тој посочува дека успешното приспособување бара комбинација од инфраструктурни мерки (подобрување на водостопанската инфраструктура и на системите за наводнување), агротехнички мерки (заштита на почвата), програмски мерки агротехнички интервенции на ниво на фарма, избор на отпорни сорти и сертифициран семенски материјал и користење на мерења и електронски системи за оптимално применување пестициди и вода.
Адаптацијата на климатските промени повеќе не е опција, туку услов за опстанок на земјоделството. Предизвикот сега е како тие мерки да стигнат до секој земјоделец навреме.
* Мики Трајковски е новинар


