Фото: Митко Јанчев / Фејсбук

Општина Кавадарци преку јавното претпријатие „Комуналец“ ѝ донираше цистерна за миење улици и јавни површини на Општина Росоман, со цел подобрување на комуналните услуги и одржувањето на хигиената.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев истакна дека донацијата е резултат на долгогодишната соработка меѓу двете општини, која датира уште од територијалната поделба во 1996 година.

„Оваа цистерна ќе биде од големо значење за Росоман, особено во делот на одржување на хигиената и екологијата. Општина Кавадарци е отворена општина и според податоците на Министерството за локална самоуправа имаме најмногу договори за услуги кон други општини и институции. Помагаме секаде“, изјави Јанчев.

Тој најави дека соработката ќе продолжи и во други области, меѓу кои субвенционирање на превозот за жителите на Росоман до Кавадарци и обратно, особено за пензионерите, како и олеснувања во делот на паркирањето. Овие мерки, како што посочи, ќе се реализираат со заедничко учество на двете општини.

Градоначалникот на Општина Росоман Ѓорѓи Крстевски се заблагодари за донацијата, нагласувајќи дека таа ќе има значително влијание врз функционирањето на општината.

„Ова е од огромно значење за Росоман, бидејќи досега немавме ваква цистерна и ги користевме услугите на кавадаречки ‘Комуналец’. Во иднина, преку нашето јавно комунално претпријатие ќе ги извршуваме и овие дејности. Планираме да набавиме и дополнителна цистерна со приклучна механизација“, рече Крстевски.

Поддршката и регионалната соработка ја истакна и претседателот на Советот на Општина Кавадарци Стојанче Рамов, кој нагласи дека Кавадарци има улога на регионален центар во Тиквешијата.

„Не се делиме на мали и на големи општини. Заеднички ќе продолжиме да лобираме за инвестиции во целиот регион – Росоман, Неготино и Демир Капија. Само преку соработка може да се постигне подобар развој“, изјави Рамов.

К. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE