Општина Свети Николе / Фото: Локал Актив Вардар

Општина Свети Николе ги објави резултатите од јавниот повик за доделување микрогрантови во рамките на програмата „Фонд за климатска акција на младите“ (Youth Climate Action Fund), поддржана од „Блумберг филантропис“ (Bloomberg Philanthropies). За реализација на 11 избрани младински проекти се одобрени вкупно 41.434 американски долари, од предвидениот фонд од 41.500 долари.

Средствата ќе ги добијат училишта, здруженија и организации преку кои младинските тимови ќе ги спроведуваат своите идеи. Меѓу нив се две училишта – СОУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Свети Кирил и Методиј“, Извидничкиот одред „Гоце Делчев“, здруженија за креативен развој и спорт, училиштен спортски клуб и Доброволното противпожарно друштво Свети Николе.

Најголем поединечен грант од 5.000 долари е одобрен за проектот „Зелен појас – младите ја обновуваат природата“, на Извидничкиот одред „Гоце Делчев“. Следува проектот „Од покрив до градина – дождовница за зелен училиштен двор“ на СОУ „Кочо Рацин“, со 4.900 долари, додека за „Зелен еко-стадион“ на ЗС ФК Овче Поле се одобрени 4.600 долари.

Резултатите покажуваат дека значаен дел од поддржаните идеи се насочени кон зеленилото и обновувањето на природата, но застапени се и практични решенија за собирање дождовница, компостирање, соларно осветлување и едукација за климатските промени.

Според објавените услови, проектите ги водат тимови од најмалку двајца млади на возраст од 15 до 24 години, додека партнерските организации ја поднесуваат апликацијата и ја преземаат административната и финансиската поддршка. Во јавниот повик се предвидува опремата и инфраструктурните вложувања да не надминуваат 50 проценти од буџетот. Сите активности треба да бидат завршени до 15 април 2027 година.

Р. П.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE