Фото: Рибник „Дошница“

Сопственикот на рибникот „Дошница“ во демиркапиското село Чифлик, Ристе Димов, бара решавање на повеќегодишен проблем што може да влијае негативно врз објектот, вработените и врз економијата на Демир Капија.

Димов јавно изрази жалење од решение на инспектор при Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам при Министерството за транспорт, со кое им се наредува на сопствениците на рибникот да отстранат ограда на објектот.

Решението било донесено на петти март. Во решението пишува дека е донесено од инспектор над градби од втора категорија, врз основа на вонреден инспекциски надзор. Во него се вели дека оградата била бесправно поставена и навлегла во трасата на патот што се планирало да се изгради. Рокот за извршување наведен во документот е три дена од приемот. „Жалбата изјавена против ова решение, не го одлага неговото извршување“, пишува во решението.

Димов тврди дека оградата ја немаат поместено ниту еден сантиметар и потсетува дека рибникот изграден на реката Дошница е пуштен во употреба уште во 1958 година. Првично со него стопанисувала државата, па егзистирал низ разни форми на општествена сопственост, се приватизирал од 2003 година и оттогаш е во негова сопственост. Тој вели дека овој рибник е еден од ретките што имаат свое мрестилиште, но и еден од ретките рибници што ги исполнуваат сите стандарди и нормативи во согласност со домашното законодавство.

„При секоја контрола од Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство, секогаш има уредни инспекциски надзори“, подвлекува Димов во изјава за „Локал Актив Вардар“.

Според негово мислење, почетоците на проблемите околу рибникот настанале во 2012 година кога Општина Демир Капија незаконски продала парцела близу рибникот, за која тој бил носител на корисничко право. Претходно Општината го сменила и урбанистичкиот план и вметнала пат што треба да минува покрај рибникот. Тој вели дека евентуалната градба на пат ќе го уништи рибникот што работи успешно со години и ќе остави повеќе семејства без егзистенција.

Во повеќе наврати Димов се обратил до Општина Демир Капија да се изнајде начин за можно решавање на проблемот, односно дислокација на патот, сѐ со цел да се зачува рибникот.

Од негова страна била поднесена и писмена изјава дека е согласен да го финансира градењето на патот, од проектирање, па сѐ до финална изведба и сообраќајна сигнализација. Тој вели дека кај локалната самоуправа не наишол на разбирање и не било сторено ништо во насока да се помогне да не дојде до уништување на рибникот и не биле преземени никакви мерки кон реализација на проектот.

„Сакаме да укажеме дека овој рибник изграден во далечната 1958 година е од поголема важност како за локалната заедница, така и за државата и генерира нови вработувања, директни инвестиции, спречува иселување на младите, воведува нови технологии, отвора нови пазари за продажба на риба, извозно е ориентиран и придонесува во секој поглед“, тврди Димов.

Тој вели дека за ова разговарале со претставници на секторите за урбанизам во Општината.

„Технички е изводливо, треба само да постои добра волја да се изведат работите и никој да не трпи штета. Бараме разбирање од државните институции за нашиот проблем и се надеваме дека ќе имаат слух и ќе помогнат да не се затвораат постојни успешни бизниси“, вели Димов.

Фото: Рибник „Дошница“

Тој потсетува дека со години бараат правда и никој од надлежните не се нафатил да го реши случајот во интерес на сите. Апелира до локалната и до државната власт да помогнат, а не да одмагаат во надминување на состојбата. Во спротивно, како што најавува, со жив штит ќе го бранат уривањето на оградата од рибникот.„Ако ја урнат оградата, го поткопуваат и рибникот, со тоа ја загрозуваат и егзистенцијата на вработените“, порачува тој.

Став по ова прашање побаравме и од градоначалничката на Демир Капија, Наталија Димитриева.

Според неа, и по спроведувањето на решението на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам при Министерство за транспорт рибникот ќе може да функционира.

„Претпоставувам дека изјавите на сопственикот дека оградата е таму од 1958 година се точни. Поместувањето на дел од оградата, како што ми е презентирано, нема да доведе до уништување на крвотокот на рибникот (рибникот и понатаму ќе биде во функција). Решението за уривање на дел од оградата, каде што се вели дека треба да минува пат, е во согласност со постојниот урбанистички план. Запознаена сум дека урбанистичкиот план на овој дел од планот можел да има и друго решение, но не можам да коментирам за постапки што се водени во минатото. Запознаена сум и дека имало започнато постапка за измена на урбанистичкиот план на овој дел од планот, но дека од Министерство за транспорт и врски не е издадена согласност на измената на планот. Постапката би требало да се одвива во согласност со постојната законска регулатива“, изјави градоначалничката Димитриева.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE