Фото: Р.П.

Почнувајќи од 1 април, родителите на 387 деца што престојуваат во Детската градинка „Рахилка Гонева“ во Свети Николе ќе плаќаат дополнително уште 510 денари месечно за престој на своите деца, односно од сегашните 1.490 денари месечниот износ се зголемува на 2.000 денари од дете. Со овие средства се покриваат трошоците за прехранбени производи за исхрана на децата и за материјални трошоци за хигиенски средства, за одржување објекти и друго.

За причините и оправданоста за покачувањето, „Локал Актив Вардар“ разговараше со Билјана Владева Миланова, директорка на единствената детска градинка во Свети Николе „Рахилка Гонева“, притоа наведувајќи дека целта на покачувањето е рентабилно oдржување и подобрување на условите за престој на децата:

„Последната промена на месечниот надоместок за престој на децата е од 2004 година и 22 години изнесуваше 1.490 денари месечно. Во овој изминат период имаме неколкукратно покачување на трошоците и на цените на сите производи. На пример, за еден литар млеко во 2004 година цената била 25 денари или на доматот била 10 денари за килограм, а денес го плаќаме повеќекратно, повеќе од 50 денари.

Втора причина е што мора да бидеме усогласени со правните прописи и задолженијата во кои се бара од вкупните средства што се собираат од родителите од месечните уплати за престој да бидат процентуално поделени, односно најмалку 65 % треба да бидат за прехранбени производи за исхрана на децата, а остатокот од 35 % за материјални трошоци. Во моментов во градинката има запишано 387 деца, со сегашната цена од 1.490 денари треба да имаме максимален приход од 576.630 денари, но реално се движи од 320 до 550 илјади денари месечно, во зависност од бројот на децата што присуствуваат во градинката, кој зависи од месеците со годишни одмори. Месечниот трошок за храна и прехранбени производи во установата изнесува од 420 илјади до 450 илјади денари, што кога ќе се одземат, ни остануваат од 100 до 130 илјади денари за другите материјални трошоци, а овие 450 илјади денари одат само за храна. Моментално ако земеме во проценти, според нашата паралела на пресметување од максимално собраните 550 илјади денари за храна ни одат од 76 до 80 %, додека за материјални трошоци ни одат од 19 до 24 %. Со новото покачување, ќе имаме збирно 774 илјади денари, меѓутоа тоа е во максимални услови на наплата. И тогаш ќе дојдеме до таа формула и проценти од 65 % што ги плаќа градинката за храна, а останатите 35% за материјални трошоци“, објаснува директорката Билјана Владева Миланова.

Одлуката за покачување на месечниот износ на надоместокот на трошоците за престој во Детската градинка во Свети Николе што паѓа на товар на родителите чии деца ги користат услугите во установата и пресметувањето и наплатата на надоместок за време на отсуство на детето ја донесе Советот на Општина Свети Николе, како основач на установата во согласност со Законот за заштита на децата, на предлог на управниот одбор на јавната установа за деца. Според одлуката, 2.000 денари ќе плаќаат децата до 6-годишна возраст со целодневен престој и децата со над 6- до 10-годишна возраст за престој и исхрана, додека за полудневен престој за деца до 6 години ќе се плаќа 1.135 денари месечно. За деновите на најавено и оправдано отсуство на детето, наплатата ќе се врши така што за првите пет работни дена отсуство, корисникот на услугата треба да го плати целиот износ за престој, а за секој нареден ден најавено и оправдано отсуство, се намалува за 65 % по утврдена формула.

Р. П.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE