Фото: Локал Актив Вардар
Од новите 100 амбулантни возила, Велес доби само едно. Службата за итна помош во Велес покрива огромна територија во три општини од Вардарскиот Регион, а во руралните средини пациентите често знаат и со часови да чекаат да стигне помошта од Велес. И граѓаните и лекарите апелираат дека се потребни повеќе возила, мобилни тимови, дежурни екипи и обновување на пунктовите во руралните места.
Автори: Лидија Пљакова* и Орце Костов**
Пред два месеца заврши постапката во која Министерството за здравство купи 100 нови амбулантни возила со надградена опрема за сума од околу 7,5 милиони евра, со кои треба да се подобри капацитетот на здравствениот систем низ земјава. Најавено е дека во 2027 година ќе се набават дополнителни 50 возила.
Итната медицинска помош во Велес, која покрива огромна територија од 1.525 километри квадратни (околу 6 % од територијата на државата) во неколку општини: Велес, Чашка и Градско, доби само едно ново амбулантно возило. Според пописот, во овие три општини заедно живеат приближно 60.000 жители, што претставува над 3 % од населението од државата.
При промоцијата на возилата во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски информираа дека новите возила се опремени со ЕКГ-апарати, дефибрилатори и опрема за респираторна поддршка.
„Убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно, имајќи ја предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила “, кажа премиерот Мицкоски.
Матичните лекари помагаат додека се чека возило од Велес
Пред повеќе од 15 години руралните амбуланти во селата Лисиче, Извор, Теово и Богомила, кои територијално ѝ припаѓаат на Општина Чашка, престанаа да работат. Останаа само приватните амбуланти со матични лекари или концесионери во село Горно Јаболчиште, како и во населбата Чашка. На територијата на Општина Градско, која опфаќа 16 рурални места, работи само една приватна амбуланта, во самото Градско.
Лекарите со кои зборуваше тимот на „Локал Актив Вардар“ имаат одлична соработка со Брзата помош од Велес, но свесни се дека капацитетот е мал и мора да се преземе нешто, било да е зголемување на бројот на возила и доекипирање на стручните тимови во кои има по еден лекар, медицинска сестра и возач, било да е дежурна екипа оттаму, која ќе им биде достапна само на граѓаните од одреден регион оддалечен од Велес.
Доктор Назим Бислими е лекар специјалист по семејна медицина од Куманово, кој во својата ординација работи со пациенти во Горно Јаболчиште, кое од Велес е оддалечено 42 километри.
„Проблеми има како и во сите други населени места. Повеќето пациенти навистина имаат потреба од итна медицинска помош. Но, селото е навистина далеку и на колегите од Велес им треба време да дојдат. Јас ги услужувам и доцна навечер додека сум таму, но јас сум од Куманово и во петок си одам. Пациентите се без лекар во сабота и во недела. Би било добро да се организира некако итната медицинска помош. На пример, во руралните средини да оди втора или трета екипа, односно да има посебна дежурна екипа за овој регион, која би опфатила повеќе села како Горно и Долно Јаболчиште, Дреново, Лисиче, Горно Врановци, Мелница, Еловец… Колку поблиску толку подобро“, вели доктор Бислими.
„Народот се намали, но болестите се зголемија“
Жителите од помалите села во Општина Градско се на иста мака со жителите од Општина Чашка. Демографската структура е речиси иста: останати се постари граѓани да живеат, а младите се иселени кон поголемите градови или надвор од земјата.
Во малку подобра положба се жителите на населбата Градско, која е најголема во општината. До нив возилото на Брзата помош може да стигне побрзо, без разлика дали го користи автопатот или, пак, обновениот магистрален пат, кој сега е во одлична состојба.
Доктор Жанета Чаушевска од Градско има своја приватна здравствена ординација. Порано работела во одделението на Брзата помош во Велес, била во еден мандат и градоначалничка на Општина Градско, и од прва рака го сподели искуството со пациентите, како се менаџираат процесите и што треба да се подобри.
„Пунктови за прегледи имаше порано, знам дека луѓето во Чичево сами го доизградија објектот и одевме на прегледи двапати неделно. Па почна да ги посетува Брзата помош. Во меѓувреме се намали бројот на граѓани и не знам колку е исплатливо да се има пункт за прегледи. Селата се иселени, останаа малку постојани жители и тоа се најчесто постари лица. Ние со новиот колега, кој е оттука, од Градско, правиме домашни посети, но некогаш ни треба и транспорт на пациентот до Велес во болница“, вели за „Локал Актив Вардар“ д-р Жанета Чаушевска.
Со службата на Брзата помош овие лекари имаат добра соработка и координација меѓу себе, особено во процената на итноста на ситуацијата, затоа што се случува во моментот возилото да е на сосема друго место.
„Сепак, ако е итна ситуацијата, се снаоѓаат и веднаш доаѓаат. Дури доаѓаат и да поставуваат инфузиона терапија по дома. За среќа, понекогаш ако е полесен случајот, можам да почекам. Има месеци воопшто да не ги викнеме, но пред некое време се случија два мозочни удари во еден ден. Ако станува збор за скршеница, може да се направи тријажа, ќе дадеме лек за болка додека да пристигне помошта, но итни се срцевите случаи или пациентите со мозочни удари. Ние немаме ни возило ни можности, одиме до дома за да ѝ помогнеме на итната помош. Јас сама одам, сестрата останува во амбулантата за да не биде празна“, открива Чаушевска.
Уште кога била дел од Брзата помош недостасувале возила, возачи и лекари. Проблемот, според неа, останал истиот и по 30 години.
„Народот се намали, но болестите се зголемија и потребата од помош се зголеми. Итната медицинска служба во Велес треба да има повеќе возачи, амбулантни возила и лекари. Тоа е единственото решение. Некој треба да им даде и теренски специјализирани возила каде што не може високо амбулантно возило да помине таму на тој терен. На пример, под мостот на патот кон Уланци, во нашата општина не може комбе да помине, па кога бев градоначалничка некако успеавме да направиме заобиколница за да може да имаме пристап до селото“, посочи доктор Чаушевска.
Мобилни амбуланти како нов облик за лекарска помош
Во Општина Градско и во Општина Велес се сместени 20 лица со попреченост во четири мали групни дома, кои се дел од проектот „Живеење“, со поддршка на Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености.
Далиборка Златева, претседателка на Здружението, вели дека имаат позитивно искуство со Брзата помош од Велес при поддршката на лицата со попреченост од социјалните услуги што ги испорачуваат на територијата на Вардарски Плански Регион.
„Во изминатите пет години секогаш кога сме имале потреба за помош и посета во домот, Брзата помош Велес излегуваа во пресрет. Доаѓаа во домовите за посета и ординирање на терапија на интензивно болните лица со попреченост. Од сведоштвата на биолошките семејства на лицата со попреченост, речиси во 80 отсто од случаите Брзата помош излегува во пресрет. За подобрена активност и покривање поголема територија, секако се потребни повеќе возила и поголем број расположлив кадар“, вели Златева.
За пооддалечените рурални средини во Вардарскиот Плански Регион, Далиборка Златева смета дека е потребно да се формира нов облик на посета и давање лекарска помош преку таканаречени „мобилни амбуланти“.
„Ова е потреба во најоддалечените планински места, каде што нема лекарска помош и каде што барем еднаш или двапати неделно е потребна поддршка од лекар и медицински кадар. Секако е потребно да се врши достава и на медицински лекови. За таа цел е потребно Министерството за здравство да набави опремени возила што ќе служат како мобилни амбуланти по примерот на Црвениот крст од Австрија. За оваа активност како невладина организација веќе разговаравме со заменикот министер Јовица Андовски, со кого заедно бевме на студиска посета во Австрија и убаво би било да се направи пилот-проект во Вардарскиот Плански Регион“, посочи Златева свое предлог-решение за решавање на овој проблем.
Медицински пунктови во пензионерските домови каде што никој не се појавил
Веле Алексоски, претседател на Здружението на пензионери од Велес, ги открива потешкотиите на оваа возрасна група граѓани, на кои им е најпотребна медицинска помош. Здружението располага со Пензионерски дом во кој има 24 стана со пензионери што живеат таму. Но, поради блискоста на Итната помош, која е на 300 метри од нив, не се случило да не бидат услужени за што и да е.
„Сепак, имаме луѓе што имаат потреба од медицинска помош. Пензионерите од општините Чашка и Градско се членови на Здружението на пензионери Велес и знаеме дека во Чашка е потешко, таа е една од најголемите општини во Македонија. Има доста патишта изградено, но оние патишта што беа добри, беа упропастени, така што на пациентите во Папрадиште и во Ореше им е далеку да стигнат до лекар. Најжалосно е што немаме по еден лекар или медицинско лице и сестра да се грижи за нив“, вели Алексоски.
Првиот човек на пензионерите истакна дека Здружението направило со своја инвестиција од околу 40.000 евра во неколку пензионерски домови просторија за медицински кадар.
„Тоа како имот се води на Министерството за здравство, но никој не се појавил овие 15 години да се заинтересира за тоа. А, имаме сѐ што е потребно да се отвори пункт. На пример, Теово е поголемо населено место, кое може да најде превоз со воз, иако возовите се ретки. Но, има пооддалечени села што се за гревота, нема многу жители и се оставени сами на себе. Им помагаме колку што можеме финансиски, со по неколку илјади денари, а тие само за пат во еден правец до Велес ќе дадат 1.000 денари“, додаде Алексоски.
„По завршување медицински факултет, секој млад лекар да биде упатен во некоја рурална област“
Претседателката на Здружението на матични лекари Лидија Чолакова Дервишова, која има приватна здравствена ординација во Велес, смета дека треба да се изработи национална стратегија за проблемот со обезбедување медицински услуги и помош во руралните средни, особено оние оддалечените што имаат отежнат пристап до лекар. „Како професионалец што работи 36 години сметам дека треба да внимаваме на руралните области што треба да заживеат, затоа што луѓето што се вратиле, треба да добијат здравствени услуги. Не е лошо да се направи национална стратегија според која по завршување медицински факултет, би имало систем каде што секој млад лекар би бил упатен некаде во некоја рурална област, каде што би работел за некаква фиксна плата и со тоа би им обезбедиле грижа на луѓето во тие региони. Сѐ уште имаме рурални живи региони, како што е Азот. Постои една ординација, но тешко е вие да работите во ординација и да опслужувате итна помош во 40 села. Сѐ уште имаме голем број региони како село Бузалково во кое има албанско население, но нема лекар ниту стоматолог“, вели Чолакова Дервишова и додава дека најважно е да се осмисли еден систем со кој граѓаните во селата ќе добијат здравство и со тоа ќе се предизвика и враќање на луѓето во тие рурални места.Фалат лекари за комплетирање медицински тимови
Од Министерството за здравство не успеавме да добиеме одговор на прашањето дали се размислува да се зголемат тимовите на Брзата помош, особено во регионот на Велес, Градско и Чашка, што беше нотирано како потреба и во сторија на „Локал Актив Вардар“.
Граѓаните што живеат во една од најголемите општини според територијата, мора да ја чекаат Итната помош од Велес по еден час и повеќе, во зависност од тоа каде се амбулантните возила на службата што е под ингеренција на ЈЗУ Здравствен дом Велес.
Раководителката на службата за итна помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес д-р Славица Нешова Пановски вели дека чекањето на помошта е реално, според тоа колкава е оддалеченоста на некои населени места, но смета дека потребите на жителите во Велес, Градско и во Чашка се задоволени.
„До Богомила е 50 километри во еден правец и возиме 50 минути со вклучени сирени, а ако одиме до Нежилово имаме уште 20 минути плус. Кога одиме надвор, остануваме без тим што треба да се покрие. Но, кога сметаме дека ќе се задржи возилото на пооддалечена дестинација, тогаш некој од колегите кој е на повик се вклучува на работа. Може во текот на денот сите повици да се за надвор од градот, може и да нема воопшто, но ние сепак работиме и сестрински посети, одиме на преврски и на трансфузии. Некогаш по двапати се оди во денот за преврски, инфузии… “, вели докторката во разговор за „Локал Актив Вардар“.
Според неа, на Итната медицинска служба во Велес ѝ недостасуваат вработувања на лекари за да се комплетираат 12 медицински тима што се потребни за ова подрачје што тие го покриваат.
„Сега имаме седум комплетни тима, ни фалат уште пет лекари за да се комплетираат тимовите. Би било идеално да имаме по три тима на една смена. Имаме лекари што се со договор на дело и лекари на платена практика. Овие последните учат со нас, а со колегите што се со договор на дело успеавме да се екипираме во овие последни неколку месеци, инаку пред тоа беше потешко. Се надевам дека ќе ги вработат, со цел да се доекипираме и да почнеме да функционираме нормално“, додава д-р Нешова Пановски.
На прашањето што мисли за идејата што преовладува во јавноста за отворање пункт на итна медицинска помош, докторката рече дека би било убаво да има пункт што ќе го покрива регионот во Чашка, но за тоа се потребни институционални одлуки.
Новите амбулантни возила ќе бидат послаби при искачување по нагорнини
Најмногу критики во јавноста за набавката на амбулантните возила предизвика условот тие да бидат опремени со дизел-мотор со зафатнина до 2.000 кубни сантиметри. Министерството за здравство претходно објасни дека ограничувањето е воведено поради еколошки и економски причини, односно затоа што поновите дизел-мотори со помала зафатнина имаат пониска потрошувачка и помали емисии на штетни гасови.
Но, возачите од Итната помош во Велес велат дека во практика тоа значи дека возилата ќе загубат од моќноста при искачување по нагорнини, какви што има во регионот на Чашка и на Градско. Тоа, пак, според нив, ќе значи и побрза амортизација на возилата.
Амортизирани возила има и Општата болница во Велес. Болницата освен со возила, кубури и со кадар, па често ги користи услугите на тимовите и возилата од Итната помош за да превезе пациенти до клиниките во Скопје.
Со оглед на тоа дека кадарот што го придружува пациентот во Скопје може да се задржи и десетина часа, во тој период Итната помош останува со едно возило помалку и еден тим помалку за да ги опслужи своите повици.
Реформи во итната медицинска помош, но само за Скопје
Владата на 19 јуни 2026 година го прифати предлогот на Министерството за здравство за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје, со кој треба да се скрати времето на интервенција и да се подобри одговорот на животозагрозувачките повици.
Реформата предвидува сегашната Служба за итна медицинска помош да се издвои од Здравствениот дом Скопје и да прерасне во посебна здравствена институција со организациска и оперативна самостојност.
Сепак, реформата, која треба да ја подобри координацијата, распределбата на ресурсите и обработката на итните повици, нема да ја почувствуваат граѓаните од централниот дел од земјава во блиска иднина.
„Во првата фаза е предвидено одделување само на единицата за итна медицинска помош од Здравствениот дом Скопје“, ни одговорија од Министерството за здравство на прашањето дали ќе ѝ претстои слична реформа и на велешката итна медицинска служба.
Во очекување повидливи реформи, примерот со Вардарскиот Регион покажува дека несомнено проблемот со итната медицинска помош не е само во бројот на возила на итна помош, туку во целиот здравствен систем што треба да ги покрива руралните средини. Кога недостасуваат лекари, а амбулантите во селата одамна не работат, пациентите остануваат без соодветна поддршка. Равенка што треба итно да се реши бидејќи во многу случаи е буквално прашање на живот или смрт.
*Лидија Пљакова е активистка
** Орце Костов е новинар

