Советот на Општина Велес донесе одлука за субвенција на занаетчиите и на занаетите што се во изумирање во Велешкиот Регион, а за кои пишуваше „Локал Актив Вардар“ пред неколку месеци, детектирајќи ги дефицитарните занаети и проблемите со кои се соочуваат занаетчиите.

Советот на Општина Велес едногласно донесе одлука за субвенција во висина од 15 илјади денари. Беше донесена одлука со која се утврдуваат дефицитарните занаетчии и занаети во изумирање, во согласност со податоците на Занаетчиската комора на Македонија и во согласност со податоците на регионалната подружница во Велес.

На листата на занаети во изумирање се: грнчари, ковачи, опинчари, јажари, крзнари, шапкари, свеќари, венци, корпари, копчари, кујунџии, каменорезачи, клучари, саатчии, ткајачи, чевлари, фурнаџии – фурна на дрва, рачна изработка на сита, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти, резба на дрво и бакар, пирографија, изработка на народни носии, домашна ракотворба, ракотворби – изработка на сувенири и производи од хартија.

Дел од овие занаети ја красеа старата велешка чаршија крај пазарот со децении, но денес дуќаните зјаат празни, а некои искривени рамки со црно-бели фотографии на нивните ѕидови сведочат за времето во кое и турските султани застанувале да им се поклонат на врвните мајстори на занаетот. 

Последните генерации занаетчии немаат повеќе кому да му ги пренесат своите вештини, младите се незаинтересирани да ги научат, иако се доволно свесни дека тие се нашето културно богатство, нашата историја и идентитет. За реалната слика на изумирањето на занаетите во Велешко, Локал Актив Вардар пишуваше во сторијата објавена во август 2025 година.

Од сторијата произлегоа неколку барања на Организацијата на жени, меѓу нив и барањето од 10 септември 2025 година до Општина Велес да донесе долгорочна Програма за поддршка на старите занаети, која ќе содржи: мерки за субвенционирање на дефицитарните занаетчии и на занаетите во изумирање, финансирање настани и манифестации од областа на занаетчиството од интерес на Град Велес, поддршка на програми за обука на млади занаетчии, поддршка на изработка на сувенири од Град Велес, произведени од занаетчии.

Во барањето упатено до Министерството за култура на 9 септември 2025 година се побара да воведе системски мерки за надминување на проблемот, и тоа преку третирање на старите занаети како културно наследство и нивно субвенционирањe, донесување нов стратегиски документ за развој и негување на старите занаети во РСМ, идентификација и регистрација на старите занаети со културно-историска вредност во посебна база на податоци за стари занаети, воведување програми на обука и изучување на старите занаети наменети за млади, обезбедување финансиска и институционална поддршка за одржување на старите занаети.

Во одговорот од министерот за култура и туризам Зоран Љутков се вели дека Министерството презема активности.

„Во врска со вашето барање за преземање мерки за заштита на старите занаети, Министерството за култура и туризам ги цени вашите заложби за соодветен третман за овој сегмент од нашето културно наследство и ве известува дека во рамките на своите надлежности презема активности за негово зачувување како жива традиција што се манифестира на современ начин во рамките на креативните индустрии“, се вели во одговорот од Министерството за култура.

А од Занаетчиската комора на Македонија, пак, во септември 2025 се побара да се организира информативна кампања за младите од Велес за можностите за посетување курсеви за традиционални и современи занаети и за управување со бизнис и дигитален маркетинг, да се воспостави вмрежување и долгорочна соработка со средните училишта и со локалните самоуправи на Велес, на Чашка и на други населени места од Вардарскиот Регион.

O.K.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE