Опис на проблемот
Собирањето и третманот на цврстиот отпад во целата земја е проблем за кој многу години се бара решение. Со техничка и финансиска поддршка од ЕУ, пред повеќе од една деценија, почна да се работи на воспоставување регионален систем за управување со отпад и во Источниот и Североисточниот регион. Уште во 2013 година, по анализирањето на повеќе можни сценарија, а со поддршка од европски и домашни експерти, како прифатлива локација за изградба на регионална постројка за третман на отпад бил определен атарот на село Мечкуевци, во близина на Свети Николе.
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во изминатиот период работеше на подготвителни активности за изградба на оваа регионална депонија. Врз основа на одлуки за основање што ги донесоа сите општини во двата региона, во февруари 2021 година беше формирано и заедничко Јавно претпријатие за регионално управување со отпад ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК.
Меѓутоа, граѓанските организации од Свети Николе се жалат дека процесот на изградба на депонијата се спроведува на нетранспарентен начин, без навремени и јасни информации за граѓаните и без јавни консултации за потенцијалното влијание врз животната средина и здравјето на жителите од Свети Николе и околните места. Во почетокот на 2019 година беше потпишана и петиција против изградба на депонијата, со образложение дека на овој простор има развиено полјоделство и сточарство и со години се произведува и извезува органска здрава храна.
Следејќи ги барањата на граѓаните, Советот на Општина Свети Николе во февруари 2022 година усвои заклучок за преземање мерки за промена на локацијата на депонијата. Градоначалникот Дејан Владев дури најави на седницата на Советот дека нема да учествува во понатамошните активности за реализација на проектот и дека ќе се распише референдум на локално ниво за депонијата. Како реакција на ова, во април 2023 година МЖСПП му ги одзеде ингеренциите на Градоначалникот во управувањето со заедничкото јавно претпријатие.
За актуелната состојба поврзана со изградбата на регионалната депонија Локал Актив Вардар детално пишуваше во сторијата објавена на крајот на август 2025 година.
Барања
#Бараме од Министерство за животна средина и просторно планирање да ја објавуви целокупната документација поврзана со проектот за планираната регионална депонија во село Мечкуевци, вклучително:
– студијата за изводливост;
– студијата за влијанието врз животната средина;
– елаборатот, техничката документација и проектните решенија;
– одлуките, согласностите и мислењата издадени од Министерството и други институции;
– финансиските планови, договорите со оператори или проектни партнери;
– записниците од јавните консултации, доколку се одржани.
#Бараме од Градоначалникот на Општина Свети Николе да даде јасно објаснување за причините поради кои се одземени ингеренциите на општина Свети Николе за управување со отпад во регионалната депонија:
– да ги инфрмира граѓаните кои обврски и надлежности во моментот ги има општината во врска со проектот и кои се конкретните чекори што се превземаат за заштита на интересите на граѓаните;
– да обезбеди транспарентно комуницирање и редовно објавување информации и документи на веб страната на општината.
#Бараме од Директорот на ЈП ЕКО ИСТОК СЕВЕРОИСТОК да даде јавно објаснување за следново::
– Дали се целосно комплетирани органите на управување на Јавното претпријатие ЕКО ИСТОК – СЕВЕРОИСТОК (Управен одбор и Надзорен одбор) и доколку не се, кои се причините?
– Во која фаза се наоѓа проектот за регионалната депонија Мечкуевци и со кои конкретни проблеми се соочува ЈП во процесот на имплементација?
– Дали веќе е избрана изведувачка фирма за изградба на регионалната депонија Мечкуевци и доколку е избрана, која е таа фирма и во која фаза е постапката?.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив Вардар, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе.
Реализирани активности
- На 09.2025 година е упатен допис до директорот на ЈП ЕКО ИСТОК СЕВЕРОИСТОК да сподели информации за тековната состојба на проектот за регионално управување со отпад.
- На 27.11.2025 година е упатен допис до Министерството за животна средина и просторно планирање за објавување на сите документи и информации во врска со депонијата.
Локал Актив Вардар го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


