Започна спроведувањето на планот на Центарот за управување со кризи за одржување едукативни предавања и показни вежби на територијата на Подрачното одделение на Регионалниот центар за управување со кризи Свети Николе и Територијалната противпожарна единица Свети Николе. Овие активности се реализираат заради подигнување на свеста, подготвеноста и навремената реакција кај учениците и кај наставниот кадар во случај на пожари и други несреќи во училиштата.

Активноста се одржа во текот на вчерашниот ден во Основното општинско училиште „Даме Груев“ во селото Ерџелија, при Општина Свети Николе, каде што учениците и наставниот кадар имаа можност да се запознаат со начинот на постапување во кризни ситуации.

Раководителот на ПО на РЦУК Свети Николе, Ристе Панов, одржа предавање за системот за итни повици 112, за начинот на неговото функционирање, како и за комуникацијата со Центарот за управување со кризи. Воедно, учениците беа запознаени со правилното постапување и организација при евакуација во случај на опасност.

Во рамките на практичната вежба, според однапред подготвено сценарио, беше симулирано настанување пожар во училишниот објект. Учениците, наставниците и вработените успешно извршија евакуација во согласност со Планот за евакуација, со цел утврдување и повторување на правилните чекори за безбедно напуштање на објектот. Првичниот одговор при настанатиот пожар и организацијата на евакуацијата беа реализирани од вработените во училиштето.

Пожарникарите од ТППЕ Свети Николе одржаа презентација на противпожарната опрема, како и демонстрација на правилно ракување и дејствување во случај на пожар. Пожарникарите изведоа показна вежба со гаснење пожар со противпожарно возило. Дополнително, преку контролирано и безбедно палење оган, учениците и вработените имаа можност практично да вежбаат гаснење со противпожарни апарати на оган, со што стекнаа директно искуство и зголемена самодоверба за постапување во реални ситуации.

Директорката на основното училиште „Даме Груев“ од Ерџелија, Драгица Јованова, ја истакна важноста од постојаната соработка со институциите, изразувајќи благодарност до ЦУК, ТППЕ Свети Николе и до други институции. Таа нагласи дека ваквите активности имаат особено значење за учениците и за училиштето, бидејќи придонесуваат за стекнување практични знаења и вештини, зголемување на свеста за безбедност и подготвеност за правилно постапување во состојби на опасност.

ПО на РЦУК Свети Николе, ТППЕ Свети Николе и други надлежни институции и во наредниот период ќе продолжат со реализација на вакви предавања и показни вежби во сите училишта на територијата на општините Свети Николе и Лозово.

Д. П.

Фотографии: Маја Давкова и Ристе Панов

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE