Ако се собере бројот на еколошки катастрофи во една година или ако се собере вкупната бројка на вакви случаи во кратката историја на Македонија како држава, тогаш нема понапатени од жителите на Велес и околните населби.
Автор: Орце Костов*
Градот за кој синоним се Кочо Рацин, Џинот, гемиџиите и грнчарството, но и затворената Топилница, ги брои штетите што ги предизвика човечката негрижа за животната средина. Освен штетите, ги брои и деновите, месеците и годините на непостапување на системот и барањето некаква одговорност од институциите, компаниите или од граѓаните.
Велешкото езеро „Младост“ е во клиничка смрт, реката Бабуна е узурпирана од дивоградби што го нарушија целиот биодиверзитет во заштитените подрачја на природата, а велешани мораат да се справуваат и со последиците од уште еден екоцид – поморот на риба во реката Тополка на потегот од некогашна „Порцеланка“ до вливот во реката Вардар.
Детонации, силна бучава, прашина и загаден воздух од каменоломот и фабриката за производство на гасена вар беа секојдневие за жителите на населбата Превалец и на викенд-населбата во близина на брегот на Тополка, сѐ додека на 19 јуни 2025 не ги вознемири ужасната глетка во реката полна со пена во која лебдеа мртви риби.
Наместо чиста и бистра вода низ коритото на 45 километри долгата река, крај Превалец во долниот тек на реката протече заматена бела вода. Жителите и риболовците пријавија помор на риби и матна пенлива вода што повторно ги разгоре сомнежите дека можно е да станува збор за индустриско загадување на реката.
Рибите угинувале за краток временски период, што според риболовците укажува на ненадејна промена на хемискиот состав на водата, односно со испуштање хемиски материи што нагло го намалуваат кислородот во водата.
„По пријава од граѓани, Еколошкото друштво ‘Вила Зора’ излезе на терен на увид и утврди помор на рибниот фонд во реката Тополка. Покрај изумрените единки што ги имаше од подмладок до повеќегодишни примероци, на површината на водата беше видлива бела пена. На терен излегоа претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, риболовното друштво ‘Бабуна’, Институтот за јавно здравје, МВР и инспектор за животна средина. Како што можевме да видиме, во водата немаше ниту една жива риба. Бидејќи за многу краток период беше изумрена цела риба, може да се претпостави дека станува збор за загадување со хемиски средства и самото тоа кажува дека последиците се огромни како за флората така и за фауната во реката Тополка. На самото место беа земени примероци од изумрени единки и вода, и тоа на повеќе локации, но не добивме резултати од нив и поради тоа може само да претпоставуваме дека водата е опасна и по здравјето на луѓето“, истакнаа од ЕД „Вила Зора“.
Реката Тополка има значајна улога за локалниот екосистем и директно се влева во Вардар, што значи дека загадувањето не останува локален проблем, туку се пренесува низ целиот слив.
Што се случи на кобниот ден?
За поморот алармирале велешките риболовци, кои во тие моменти биле покрај реката. Тие ги информирале рибочуварите од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес, кој е концесионер со рибниот фонд на Тополка. Помор на риби имало од кај затворот кај Оризари до вливот во Вардар.
„Има угинато клен, мрена, кркушка. Ова не е помор, туку екоцид. Ваков помор од ваков карактер немало во Велес, затоа што не само што изумре рибата, туку и останатиот животински свет како полжавите. Тревата од двете страни на брегот беше изгорена. Ние знаеме точно кој го направи ова, ние сме сигурни дека е од објект во поранешната фабрика ‘Порцеланка’ затоа што таа беше граница на поморот. Од ‘Порцеланка’ до улица ‘Вардар’ во Велес сѐ беше изумрено, а над ‘Порцеланка’ некои 20 до 30 метри имаше жив свет во водата. Ова може да го направи само сулфурна киселина. Тоа било ноќта, а ние сабајлето реагиравме по некои три часа“, вели Даниел Наумовски, претседател на ЗРС „Бабуна“ во разговор со Локал Актив Вардар.
Поради тоа што мрестот на рибата заврши еден месец пред екоцидот, некои угинати риби биле полни со икра, со што штетата по рибниот фонд е поголема.
„Не можеме да утврдиме колкава количина е отруена, можеби ќе биде 2 тона, можеби 5 тона. Штетата е огромна и финансиски ако земеме предвид дека 25 евра е килограм риба за мрестење. Сега ние повторно мора да порибуваме, а пак може да се случи нешто слично. Но, ако има виновник, ќе мора тој да го обнови рибниот фонд и државата да го задолжи со порибување“, истакна Наумовски.
Наумовски е загрижен и за влијанието на водата врз земјоделските производи, односно дека поморот на риба може да го загрози и здравјето на тамошните жители и на жителите од Велес што ја консумирале храната.
„Сите мотори беа вклучени од страна на земјоделците додека траеше поморот. Загрозени се и брегот и посевите од тој потег. Се наводнуваше од таа вода и замислете каква храна се јадеше, а дел од таа храна излезе во малопродажба“, вели тој.
Од надлежните институции досега информираа дека се земени примероци од водата и од угинати риби за анализа, но резултатите не се готови и во блиска иднина нема да се утврди одговорност кај кого било.
„Многу лабаво се одвива процесот. Седум месеци немаме вештачење за да се види кој, што и како загадувал, односно ја затрул реката. Ние разговараме за езерото Младост, а тоа е нула за Тополка во однос на големината на катастрофата. Претпоставуваме дека киселината е пуштена во водата, нормално нелегално, од цевка од фирма за отпад каде што се пере пластика, но надлежните треба да го утврдат тоа. МВР, Инспекторатот за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, сите институции излегоа на терен, првпат ги повикав сите на ваков настан, но џабе е сѐ, некако се повлекоа поради тоа што станува збор за голема и моќна компанија“, заклучи претседателот на ЗРС ‘Бабуна’, Даниел Наумовски.
Шест месеци нема информации што ги отру рибите
На терен по реката Тополка, во должина од неколку километри, излезе и државен инспектор за животна средина. Примероци од угинатата риба се доставени до Агенцијата за храна, додека надлежна лабораторија зела мостри од реката од две локации. Испитувањата треба да покажат од што угинала рибата и кое средство било пуштено во реката за таа да пени.
Но, повеќе од шест месеци нема информации за евентуалниот виновник за поморот на риба и за загадувањето на реката Тополка на вливот во реката Вардар.
„Во однос на поморот на риби во реката Тополка, кој се случи во јуни годинава, целокупниот предмет и надлежноста во однос на постапувањето е на ОЈО Велес“, кратко изјавија од Агенцијата за храна и ветеринарство за Локал Актив Вардар.
„Ние знаеме точно кој го направи ова, ние сме сигурни дека е од објект во поранешната фабрика ‘Порцеланка’ затоа што таа беше граница на поморот. Од ‘Порцеланка’ до улица ‘Вардар’ во Велес сѐ беше изумрено, а над ‘Порцеланка’ некои 20 до 30 метри имаше жив свет во водата. Ова може да го направи само сулфурна киселина. Тоа било ноќта, а ние сабајлето реагиравме по некои три часа“, вели Даниел Наумовски, претседател на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“
Велешкото јавно обвинителство сѐ уште се чека да го спроведе нарачаното вештачење, со цел државниот еколошки инспектор, во случајов од Кавадарци, да постапи по предметот.
„Вештачењето е сѐ уште во тек, а целосниот извештај не е доставен до јавниот обвинител“, рекоа од ОЈО за Локал Актив Вардар. Анализите треба да ги направи Факултетот за ветеринарна медицина.
Постапката во Државниот инспекторат за животна средина ја води државен инспектор од Кавадарци, но оттаму не откриваат многу затоа што целиот предмет е во Основното јавно обвинителство во Велес.
Таму каде што е случен поморот има голем субјект, односно фирма за отпад во која инспекторите влегоа извесен период по случајот, но е направен редовен, а не вонреден надзор за кој сè уште нема објавено какво решение е донесено.
Претходни случаи
Помор на риби се случувал во 2013 година, во 2017 година и во 2020 година, секогаш на тој дел од реката Тополка каде што работеа или работат неколку индустриски објекти.
На почетокот на октомври 2017 година, според риболовците, водата во Тополка одеднаш добила бела неприродна боја, а по неколку часови биле забележани риби од видот еѓупка, амур и кркушка како пливаат на грб.
Колку била реката загадена, најдобро зборувал нејзиниот влив во реката Вардар, каде што Тополка била бела како вар.
Повеќе од 500 земјоделци од населените места по течението на реката Тополка со изградбата на акумулацијата на хидросистемот Лисиче во 2011 година изразија надеж дека трајно ќе се реши проблемот со наводнување на земјоделските површини, затоа што коритото на реката Тополка беше полно, но четири регистрирани помори за 14 години им ја скратија надежта дека ќе можат да обезбедат егзистенција со производство на квалитетни земјоделски производи.
Поморот на риби во Тополка не е изненадување, туку уште еден доказ за долгогодишен системски проблем: загадување или екоцид што се повторува и за кој ретко имало институционална завршница.
Сцените се речиси идентични: ненадејна промена на бојата на водата, масовно угинување на риби, теренска реакција со задоцнување и, на крајот, недефиниран виновник.
Според експертите, наглиот помор на риби секогаш укажува на човечки фактор затоа што промени во pH-вредноста, токсични хемиски испусти или драстично намалување на кислородот во водата не се случуваат спонтано.
Бидејќи Тополка не е изолиран екосистем и реката се влива во Вардар, тоа значи дека секое загадување има пошироки последици. Прашањето не е само колку риби угинале, туку што сè завршило во водата и дали истите супстанции продолжуваат низ најголемата река во државата.
* Орце Костов е новинар


