Вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе се одржа Саeм за наука, во рамките на проектот „Науката и јас“, на кој учениците преку експерименти, презентации и креативни штандови ја претставија својата љубопитност и интерес за науката. На Саемот учествуваа ученици и наставници од повеќе основни училишта од државата, кои со своето учество придонесоа за размена на идеи, искуства и инспирација меѓу младите.
Директорката на училиштето домаќин Сузана Дерменџиева за „Локал Актив Вардар“ вели дека овој настан ја нагласува важноста на соработката меѓу училиштата, локалната заедница и компаниите што ја препознаваат вредноста на вложувањето во образованието.
„Особено задоволство претставува тоа што нашето училиште денес е вистински центар на знаење, каде што ученици од повеќе училишта од државата се среќаваат, разменуваат идеи и искуства и заедно создаваат инспирација за нови научни откритија“, додаде директорката Дерменџиева.
Целта на ваквите саеми на наука е учениците да ја доживеат науката како процес на истражување, љубопитност и откривање, затоа што токму од малите ученички експерименти и прашања започнуваат големите идеи на иднината, велат организаторите.
Р. П.
Фотофрафии: Студио Фото Кисс Свети Николе и ООУ „Гоце Делчев“ Свети Николе


