Со 6 гласа ЗА и 10 гласа ПРОТИВ, не помина амандман со кој се бара Општина Кавадарци да резервира средства за иницијализација на изработка на Студија за валоризација на планината Кожуф. Амандманот беше поднесен до Советот на Општина Кавадарци, од страна на советникот од Левица, Круме Богевски.
„Врз основа на член 94 став 1 од Законот за заштита на природата, а согласно со поднесената иницијатива од страна на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија, Институтот за биологија на ПМФ при УКИМ и други граѓански здруженија, документ во кој првопотпишан е токму градоначалникот на Општина Кавадарци, д-р Митко Јанчев, поднесувам амандман со кој барам Општина Кавадарци да резервира средства за иницијализација на изработка на Студија за валоризација на планината Кожуф“, се вели во образложението.
Притоа се додава дека овој документ претставува клучен предуслов за понатамошното поднесување на предлог-Закон за прогласување на Кожуф за национален парк, согласно законските прописи.
„Во доставената иницијатива, јасно е наведено дека за да се зачува природното и културно богатство на планината Кожуф, која е од исклучително значење за биолошката разновидност, како и за економскиот и социјален развој на целиот регион, неопходно е започнување на процесот на прогласување на оваа територија за национален парк“, се подвлекува во амандманот.
Со изработка на Студија за валоризација ќе се овозможи институционална, научна и финансиска поддршка на оваа иницијатива, која како што е наведено и во документот, има потенцијал да отвори голем број нови директни и индиректни работни места, да го ревитализира животот во запуштените села и да ја зајакне прекуграничната соработка меѓу Македонија и Грција.
„Повикувајќи се токму на поддршката дадена од градоначалникот Митко Јанчев, како првопотпишан во оваа иницијатива, сметам дека е должност на Советот на Општина Кавадарци да го следи истиот правец и да обезбеди буџетска поддршка за изработка на Студијата, првиот и суштински чекор во остварувањето на оваа заедничка цел. Со оваа одлука, Општина Кавадарци ќе испрати јасна порака дека стои зад сопствената иницијатива и активно учествува во долгорочно планирање и заштита на своите природни ресурси, во интерес на сите граѓани и идните генерации“, пишува во амандманот.
Р. Л.


