„Тошо ние те сакаме“, „Слобода и правда за Тошо“, се само дел од бројните пораки што се споделуваат преку социјалните мрежи од страна на активисти за заштита на милениците во Кавадарци, кои најавуваат протести за спречување на можна евтаназија на куче. Тие го образложија стравувањето дека кучето ќе биде евтаназирано, откако било заловено и тестот покажал позитивност на заболувањето лајшманија.
„Се работи за Тошо, младо, весело и мило куче, кастрирано, миленик на голем број на жители на Кавадарци. Кога беше бездомно, се претпоставува дека ноќе било удрено од автомобил, па му се случуваше ноќе со заби да дофати пластика и да извади регистарска табличка од нечиј автомобил. Од пред некое време Тошо е сопственичко куче, но ете повторно деновиве извадило една табличка, па по пријава, беше заловено во стационар. Сега сме во процедура на докажување на сопственоста“, истакнаа тие.
Во моментов, како што дознаваме, се прават напори за надминување на проблемот.
Р. Л.


