Советот на Општина Велес на крајот од 2025 година го усвои буџетот на Општината за 2026 година, кој ќе изнесува 1.636.249.767 денари, односно 26,6 милиони евра.
Основниот буџет во кој влегуваат приливите и приходите е во висина од 807.863.424 денари, или 13,1 милион евра, што претставува најголем буџет во историјата на Општина Велес.
Со новиот буџет, Општина Велес најави продолжување на активностите во градежништвото во соработка со Советот на Општината и општинската администрација.
Годинава е најавено дека посебен акцент ќе биде ставен на културата со најави за организирање многубројни културни манифестации во текот на целата година, поддршка на традициите и развој на нови културни содржини, со цел Велес да го задржи статусот на град на културата.
„Во буџетот се предвидени и средства за континуирани инвестиции во спортот и во спортските клубови, како и за поддршка на децата, на младите и на ранливите категории граѓани. Дел од средствата се наменети и за подобрување на јавната хигиена и заштитата на животната средина, преку набавка на нова опрема за комуналното претпријатие и подигнување нови зелени површини“, најавија од Општината.
Подобрувањето на патната и на подземната инфраструктура останува меѓу клучните приоритети, а за 2026 година се планира реализација на повеќе капитални проекти.
Треба да се доврши изградбата на подземна катна гаража и плоштад, за кои беа обезбедени 2 милиони евра од Владата преку унгарскиот кредит, реконструкција на спортската сала „Гемиџии“ и на Противпожарниот дом, како и изградба на нов мост кај Башино Село, за кој ќе се добијат средства и од Јавното претпријатие за државни патишта.
О.К.


