Фото: Lili Arsova / Wikipedia
Oпштина Велес и Општина Росоман се помеѓу 10-те општини со грантови за унапредување на пристап до квалитетно предучилишно образование.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, заедно со градоначалниците на десет општини, потпиша 11 договори за грант. Договори се потпишани со општините Пробиштип, Босилово, Штип, Бутел, Росоман, Чешиново-Облешево, Зелениково, Гостивар, Велес и Боговиње.
Овие грантови се наменети за унапредување на пристапот до квалитетно предучилишно образование и грижа за децата, односно за реновирање и опремување неискористени простории.
„Со овие договори се обезбедува реновирање и опремување неискористени училишни и општински простории, финансирано од Министерството за социјална политика, демографија и млади, кои ќе бидат пренаменети во функционални објекти за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст. На овој начин се овозможува воспоставување предучилишни групи во алтернативни просторни услови – решение што е брзо, ефикасно и одржливо, и директно придонесува за зголемување на достапноста на услугите за децата и за нивните семејства“, соопштија од Министерството.
Со грантот Општината ќе реновира дел од старата училишна зграда на ООУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ и ќе се пренамени во нов клон на детската градинка ОЈУДГ „Димче Мирчев“. Оваа нова градинка би требало да придонесе да се растоварат постојните објекти на градинката кои се преполни со дечиња.
О. К.


