Фото: Општина Велес
Вкупно девет велешки занаетчии ќе добијат финансиска поддршка од Општина Велес за развој и унапредување на својот занает откако се јавија на првиот јавен повик за субвенционирање дефицитарни занаети и занаети во изумирање што Општина Велес го распиша по сторијата на „Локал Актив Вардар“.
Оваа мерка за првпат се реализира во Општина Велес, со која им се дава конкретна поддршка на луѓето чија работа е да ги чуваат традицијата, умешноста и препознатливиот дух на градот.
Девет занаетчии, меѓу нив златари, ковачи, грнчари, пекари, изработувачи на сувенири, ќе добијат по 15.000 денари бруто помош.
„Општина Велес продолжува да вложува во локалниот економски развој преку поддршка на занаетите што се дел од нашето богато културно наследство. На барателите од точката 1 на решението, им се утврдува правото на користење финансиски средства за субвенционирање дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес, со поединечна субвенција во износ од 15.000 денари по корисник, со вклучен персонален данок на доход. Уплатата на персоналниот данок на доход ќе ја изврши Општината, а неговиот износ ќе се одбие од износот на доделената поединечна субвенција на барателите“, информираше Општина Велес.
Претходно Советот на Општина Велес донесе Одлука за определување дефицитарни занаетчии и занаети во изумирање на подрачјето на Општина Велес, според која на вршителите на занаетчиска дејност: грнчари, ковачи, опинчари, јажари, крзнари, шапкари, свеќари, венци, корпари, копчари, кујунџии, каменорезачи, клучари, саатчии, ткајачи, чевлари, фурнаџии – фурна на дрва, рачна изработка на сита, изработка на филигран, накит и слични производи, производство на музички инструменти, резба на дрво и бакар, пирографија, изработка на народни носии, домашна ракотворба, ракотворби – изработка на сувенири и производство од хартија, им се утврдува правото на поединечна субвенција, во износ не повеќе од 15.000,00 денари, со вклучен персонален данок на доход од Буџетот на Општина Велес во тековната година, од Програмата за активностите на Oпштина Велес во областа на евроинтеграциите и локалниот економски развој.
Дел од овие занаети ја красеа старата велешка чаршија крај пазарот со децении, но денес дуќаните зјаат празни, а некои искривени рамки со црно-бели фотографии на нивните ѕидови сведочат за времето во кое и турските султани застанувале да им се поклонат на врвните мајстори на занаетот.
Последните генерации занаетчии немаат повеќе кому да му ги пренесат своите вештини, младите се незаинтересирани да ги научат, иако се доволно свесни дека тие се нашето културно богатство, нашата историја и идентитет. За реалната слика на изумирањето на занаетите во Велешко, „Локал Актив Вардар“ пишуваше во сторијата објавена во август 2025 година.
Од сторијата произлегоа неколку барања на Организацијата на жени, меѓу нив и барањето од 10 септември 2025 година до Општина Велес да донесе долгорочна Програма за поддршка на старите занаети, која ќе содржи: мерки за субвенционирање на дефицитарните занаетчии и на занаетите во изумирање, финансирање настани и манифестации од областа на занаетчиството од интерес на Град Велес, поддршка на програми за обука на млади занаетчии, поддршка на изработка на сувенири од Град Велес, произведени од занаетчии.
Во барањето упатено до Министерството за култура на 9 септември 2025 година, се побара да воведе системски мерки за надминување на проблемот, и тоа преку третирање на старите занаети како културно наследство и нивно субвенционирањe, донесување нов стратегиски документ за развој и негување на старите занаети во РСМ, идентификација и регистрација на старите занаети со културно-историска вредност во посебна база на податоци за стари занаети, воведување програми на обука и изучување на старите занаети наменети за млади, обезбедување финансиска и институционална поддршка за одржување на старите занаети.
Во одговорот што тогаш пристигна од министерот за култура и туризам Зоран Љутков беше наведено дека Министерството презема активности.
„Во врска со вашето барање за преземање мерки за заштита на старите занаети, Министерството за култура и туризам ги цени вашите заложби за соодветен третман за овој сегмент од нашето културно наследство и ве известува дека во рамките на своите надлежности презема активности за негово зачувување како жива традиција што се манифестира на современ начин во рамките на креативните индустрии“, се вели во одговорот од Министерството за култура.
А од Занаетчиската комора на Македонија, пак, во септември 2025 се побара да се организира информативна кампања за младите од Велес за можностите за посетување курсеви за традиционални и современи занаети и за управување со бизнис и дигитален маркетинг, да се воспостави вмрежување и долгорочна соработка со средните училишта и со локалните самоуправи на Велес, на Чашка и на други населени места од Вардарскиот Регион.
O.K.


