Фото: Центар за граѓански комуникации
Општина Градско е на првото место според најновото рангирање на Индексот на активна транспарентност 2026, со максимални 100 отсто активна транспарентност, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Општината успеа да ги објави сите предвидени информации од јавен карактер на својата веб-страница без исклучок. Воедно, Градско бележи огромен скок во однос на 2023 година кога имаше ниво од 97,1 отсто транспарентност.
Просечното ниво на активна транспарентност на општините во Македонија за 2026 година изнесува 81 отсто , што претставува подобрување за два процентни поени во споредба со претходната година кога изнесуваше 79 отсто.
Истражувањето што традиционално го спроведува Центарот за граѓански комуникации, го мери степенот на објавување информации од јавен карактер на службените веб-страници на институциите. Годинава дури четири општини постигнаа максимални 100 отсто активна транспарентност: Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип.
Општина Велес се наоѓа на 26. место на националната ранг-листа, со 92,3 отсто активна транспарентност, со што е сместена во највисоката категорија – „многу добра активна транспарентност“, иако има благ пад во однос на рекордните 98,6 отсто од 2023 година,
Во истата категорија е и Општина Чашка, која има 81,5 отсто активна транспарентност. Чашка бележи постојан и значаен напредок во изминатиот период, земајќи предвид дека во 2023 година се наоѓаше на 65. место со скромни 71 отсто.
Од општините во Вардарскиот Регион, најнизок резултат има Општина Лозово. Со 36,9 отсто активна транспарентност, Лозово се наоѓа во категоријата „слаба активна транспарентност“ и е при дното на националното рангирање.
Под „активна транспарентност“ се подразбира објавување информации од страна на институциите на сопствена иницијатива, без претходно да биде доставено барање за пристап до информации од јавен карактер.
О. К.

