Фото: Организација на жени „Женско Лоби“ – Демир Капија

Регионалната кампања за јавно застапување „Жените од заедницата бараат…“, која се спроведе во изминатите месеци во неколку општини во Вардарски Регион, мобилизираше жени од 11 локални заедници и им даде простор јавно да ги изразат своите приоритети и потреби.

Во рамките на оваа кампања беа организирани три улични акции, по една во Демир Капија, во Градско и во Росоман, во кои беа вклучени повеќе од 50 локални активистки. Тие директно комуницираа со граѓаните, отворајќи дискусија за важноста на женското учество во донесувањето одлуки и потребата од поинклузивни локални политики.

Активистките испратија пораки до институциите за поголема транспарентност и воведување нови, пристапни форми на консултации со граѓаните, особено со жените од руралните средини. Воедно, на јавни површини беа поставени визуелни пораки преку кои се истакнуваа барањата на жените и нивната заложба за поголемо учество во локалниот развој.

Менче Николова, програмска раководителка во Организација на жени „Женско Лоби“ – Демир Капија, појасни за „Локал Актив Вардар“ дека кампањата ја зајакнала солидарноста и поврзаноста меѓу жените од различни заедници, поставувајќи основа за поорганизирано и поефективно застапување во иднина.

Таа нагласи дека активностите се насочени кон зајакнување на теренската мрежа на активни жени преку надградување на знаењата и на вештините на жените од 11 рурални заедници за јавно застапување и преговарање со релевантните институции на локално ниво.

Николова најави и дека следува реализација на регионална јавна трибина за женското учество во креирањето на локалните политики, на која меѓу говорниците, ќе бидат и најистакнатите локални активистки од руралните средини.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE