Фото: Театарски фестивал „5РЕ“ / Фејсбук
Актерот на Националната установа Турски театар Скопје, Атила Клинче, ја доби годинешната награда за животно дело, која го носи името на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко.
Наградата му беше врачена на свеченото отворање на петтиот Театарски фестивал „5РЕ“ на Големата сцена на НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
Жирото составено од актерите на велешкиот театар Слободанка Чичевска (минатогодишна добитничка), Васил Зафирчев и Благојчо Стојанов истакнува дека добитникот е еден од најистакнатите македонски актери, чија кариера е одбележана со многубројни значајни улоги од светската класика и домашната драматургија.
Опусот на Атила Клинче вклучува значајни и комплексни ликови, кои ги изведува со извонредна длабочина и мајсторство за кои е наградуван уште во далечната 1982 година како наградата за Млад актер на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Мемет. Во 2003 година турските медиуми го прогласија за Актер на годината, во 2005-та за главната улога на Таткото во претставата „Куќа на граница“ на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја добива наградата за најдобро актерско остварување, а во 2016 година е добитник на државната награда „11 Октомври“.
Клинче глумел во многу филмски остварувања како „Тетовирање“, „Бог да ги убие шпиуните“, во „Пред дождот“ и „Прашина“ како и во сериите „Наше маало“, турската серија „Румелија“, „Балканска свадба“, „Последно лето“ и во македонската хит-серија „Преспав“.
На годинешниот конкурс за Наградата за животно дело „Петре Прличко“ пристигнале само две апликации.
О. К.


