Фото: Трчаме за Рацин / Фејсбук
Иако четири години беше организатор на атлетската трка „Трчаме за Рацин“, која се организираше во рамките на Рациновите средби во Велес, атлетскиот клуб АК Борец е изоставен од организацијата на трката за годинава.
Општина Велес реши да го прескокне клубот и заедно со атлетската федерација буквално од раце да им ја одзеде трката на велешките атлетичари, што предизвика жестоки реакции меѓу велешани.
„Атлетската трка ‘Трчаме за Рацин’ по петти пат ќе се одржи во рамките на одбележување на Рациновите средби. Во организација на Општина Велес и во соработка со Атлетската федерација на Македонија, трката ќе се одржи на 31 мај годинава. Градоначалникот Марко Колев, заедно со претседателката на Атлетската федерација Александра Војнеска Зикова, излегоа на терен со цел утврдување и лиценцирање на патеката за трчање“, објави пи-ар тимот на градоначалникот Колев.
Општина Велес беше покровител на настанот, како и сите спонзори од Велес, за да се реализира атлетската трка, така што е уште почудно зошто градоначалникот Колев реши да си ја присвои трката која до вчера ја спонзорираше.
Од Атлетскиот клуб Борец во Велес сметаат дека ова не е случајност и дека претседателката Војнеска-Зикова си ги турка личните и теснопартиски интереси пресметувајќи се со неистомисленици, иако во календарот за 2026 година, кој го објави Атлетската федерација на Македонија, стои дека организатор на трката ќе биде АК Борец Велес, а не Општина Велес.
„Оваа слепа лојалност не е случајна – таа е резултат на заемни долгови и пресметки со кои членовите на нејзиниот тим се имаат задолжено меѓусебно низ годините. Наместо професионализам, на сцената гледаме приватен пазар на влијанија врз грбот на спортистите и ентузијастите“, вели Тале Илијевски од АК Борец.
Тој ги повика сите атлетичари да не се пријавуваат на трката и да им дадат црвен картон на атлетската федерација и на Општина Велес поради овој потег.
О. К.


