Во „Европска куќа“ во Велес се одржа работилница и презентација на проектот „Дигитален зелен пристап: Младите мапираат за инклузивна демократија“, иницијатива насочена кон подобрување на пристапноста на јавните институции за лицата со попреченост и за другите ранливи категории граѓани.
Оваа иницијатива за дигитална демократија е предводена од млади луѓе и таа има цел да одговори на долгогодишниот проблем со физичките бариери во институциите. Активностите се насочени кон подобрување на пристапноста за лица со физичка попреченост, родители со детски колички, лица што користат помагала за движење, како и за лица со оштетен слух и вид.
Младите лидери од „XYZ Green Gen“ и „Impact Hub“, ученици од четирите средни училишта во Велес, претставија дигитална апликација што ќе биде развиена како алатка за мапирање на пристапноста на институциите.
Младите од Велес ќе ги лоцираат институциите што се непристапни за лицата со попреченост и треба да понудат решение за долготрајниот проблем со непристапноста на јавните институции, поради физички бариера за лица со физичка попреченост.
Далиборка Златева од „Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес“ говореше за секојдневните предизвици за лицата со попреченост во извршувањето на основните граѓански и човекови права и обврски пред јавните (државни, локални) институции и потребата од трансформација и инклузија во општеството, за никој да не биде исклучен.
„Членките во Здружението знаат да кажат, ако излеземе низ град на прошетка со количка, никаде нема да стасаме, оти Велес е полн со бариери. Нив ги создаваме ние и им го отежнуваме животот на овие лица со попречености. Имаме семафори што немаат звучен сигнал, во ниту една јавна здравствена установа нема знаковен толкувач за болните лица со попреченост, ниту некој ги разбира нив, ниту тие разбираат што се бара. Тие мора да носат член од семејството да им каже на лекарите каква мака имаат. Во ниту една банка нема такво лице, а дел од лицата се вработени и имаат потреба од банкарски услуги. Нема информации со Брајова азбука по институциите. Јавниот превоз не е пристапен за лицата со попреченост, а рабниците на тротоарите кај пешачките премини треба да бидат спуштени“, кажа Златева.
Златева посочи неколку примери од јавни установи и институции што не се достапни за лицата со попреченост. Меѓу нив се и фондовите за здравство и за пензиско осигурување, превентивната предучилишна здравствена служба, Поштата, УЈП, Централен регистар, електронската и свечена сала на локалната власт, Агенцијата за вработување, Центарот за социјални работи…
Како позитивен пример го посочи ЈКП „Дервен“, кој наплатниот центар го симнал на приземје и пред него имало место за паркирање автомобил со лице со попреченост.
О. К.


