Фото: Локал Актив Вардар
Жителите на Доморовско Маало во неготинското село Долни Дисан конечно добија асфалтирана улица. „Локал Актив Вардар“ во неколку наврати пишуваше за овој проблем на мештаните, кои бараа асфалтирана улица за да не газат кал.
Тие одамна бараа да се уреди патот до таканареченото Доморовско маало. Дел од нив тогаш рекоа дека им е тешко на возрасните, но и на децата да се движат по кал, а проблематичен бил и пристапот за итна медицинска помош.
„Принудени сме во калта да се движиме со стари обувки, а новите да ги носиме в раце. Сестра ми живее сретсело, па таму ги облекуваме новите, а старите обувки стојат кај неа и така постојано. За назад истата песна. Ова не се издржува повеќе“, се жалеше Барда Нојкова.
Нејзината сестра Дрите Најдова тогаш исто така реагираше дека многу е страшно кога се оди во тој дел на селото и дека многу се лизга, а со една грешка може да се заврши во реката.
„Жално за луѓето што живеат овде“, нагласи таа за „Локал Актив Вардар“.
Од Општина Неготино сега информираа дека е реконструирана улица во ова маало, за што се потрошени 3.197.767 денари. Оттаму соопштија дека е завршен уште еден проект што бил аплициран преку вториот јавен повик на Владата, а финансиран од Министерството за транспорт.
„Завршени се градежните активности на барање на жителите, долго очекуваната реконструкција во ова маало во село Долни Дисан што се наоѓа на многу специфично и тешко пристапно подрачје“, информираа од Општината.
Р. Л.


