„Велес Трча“ / Архивска фотографија – Фото: Општина Велес
Атлетската патека на Градскиот стадион во Велес, изградена пред 44 години, ќе се реконструира.
Новоформираното министерство што произлезе од Агенцијата за млади и спорт (АМС) за „Локал Актив Вардар“ откри дека за 2026 година е предвидена реконструкција на патеката.
Министерството за спорт ќе ја реконструира атлетската патека на Градскиот стадион „Зоран Паунов“, а информацијата дека градежните работи ќе почнат деновиве, ја сподели првиот човек на Атлетскиот клуб Борец Тале Илијевски, споделувајќи фотографија од поставениот знак за реконструкција.
Проектант на патеката е „МГ Проект ДООЕЛ Скопје“, надзорот на патеката ќе го врши „Вертекс архитектура ДОО Скопје“, а изведувач на градежните работи е „ДЗИТПТ Интеко ДООЕЛ Скопје“.
„По речиси една деценија спортска борба низ институциите, конечно, мојот личен ангажман и заложбите на атлетскиот клуб АК БОРЕЦ ВЕЛЕС вродија со плод. По години поминати во апели, објави, фотографии од очајната состојба и постојани барања за промена, во последните месеци нашата иницијатива најсилно одекна таму каде што треба.
Упатувам огромна благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски, во мое лично име и во име на АК БОРЕЦ ВЕЛЕС, за слухот и за поддршката.
Успеавме да се избориме за сите граѓани, спортисти, рекреативци и за нашите дечиња конечно да добијат пристоен спортски објект каде што ќе можат да се развиваат и да тренираат во достоинствени услови“, напиша Илијевски.
Инаку, атлетската патека на Градскиот стадион во Велес ја изгради Југословенската народна армија и за тогашни услови била најсовремен атлетски објект во Македонија, но повеќе од десет години тартан подлогата е целосно руинирана, па велешките врвни атлетичари и многубројни рекреативци како алтернативна патека ја користат бекатон патеката во Градскиот парк.
Oсвен атлетичарите на АК Велес и на АК Изгрев, aтлетската патека ја користеа и рекреативците, особено во попладневните часови во летниот период, затоа што е покриена во голема сенка.
Но, освен оштетениот тартан, на патеката има и песок што стигнува преку отворен канал за вода што минува покрај салата за гимнастика Партизан и кој при невреме го потрупува стартниот дел на патеката во должина од 20 до 30 метри.
Првите ветувања дека ќе се реновира атлетската патека се случија пред четири години за време на реновирањето на фудбалскиот стадион, со поддршка на тогашната Агенција за млади и спорт (АМС). Тогашниот директор на АМС Наумче Мојсоски во 2023 година рече дека во текот на истата година ќе биде распишан тендер да се изградат атлетските патеки, но тоа не се оствари.
„Локал Актив Вардар“ најави дека атлетската патека ќе добие нов лик преку сторијата „Велес – „Паметен град“, без рекреативен и професионален спорт“ објавена на платформата lav.mk.
О. К.


