Петтото издание на „Ден на станушината“ годинава се одржа на три локации во Кавадарци и во Скопје. Оваа манифестација е посветена на единствената македонска автохтона сорта грозје „станушина“, стара и традиционална сорта грозје, од која се произведуваат розе, црвени и бели вина.
„Во три дена дружење, забава и дегустација, повеќе од 400 гости имаа можност да уживаат во прекрасните вкусови на 30 различни етикети од ‘македонската принцеза’, како што ја нарекуваме оваа сорта, или ‘македонско девојче’. Странците сакаат да пробаат нешто типично за овој крај, нешто што го нема на друго место и особено сме горди на присуството на амбасадорките на Америка и на Јапонија“, рекоа од здружението „Македонски семејни винарии“.
Оттаму подвлекоа дека сето ова немаше да се случи доколку не се променеше Законот за вино во 2020 година, по што се регистрираа првите 11 мали семејни винарници, производители на вино.
„Тоа беше една од најдобрите работи што ѝ се случиле на Македонија во време на кризата предизвикана од пандемијата на корона. И потоа топката почна да се тркала и застанување нема. Денес сме горди да кажеме дека повеќе од 200 семејни домаќинства се регистрирани како мали семејни винарници, своето грозје го преработуваат во вино и успеваат да добијат додадена вредност на својот производ. Многу мали винарници во последните години го отворија светскиот пазар и заедно со нашиот вински амбасадор Јадранка Клариќ успеавме да го пласираме македонското вино во Америка, Словенија, Данска, Србија, Австралија, Белгија, Швајцарија и да се донесе девизен прилив во државата“, споделија од здружението.
Притоа истакнаа дека сето ова немаше да биде можно без програмите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои ги поддржуваа малите семејни винарници за купување опрема и модернизирање на процесот на производство на вино, и тоа во две транши, во 2022 година за 59 мали семејни винарници и во 2023 година за 80 мали винарници.
„Поддршката од Министерството за култура и туризам за мапирање на винарниците и за отворање вински патишта, треба да го направат Тиквешкиот Регион ‘македонска Тоскана’, односно преку винскиот туризам да се оставаат големи финансиски средства и да се промовира државата. Се надеваме дека и раководството на Министерството за земјоделство ќе продолжи да ги помага малите винарници во осовременување на производството, во градење дегустациски сали, помош при извозот на вино и други работи“, нагласија од здружението.
Здружението „Македонски семејни винарии“ е здружение што обединува 86 винарници од цела Македонија.
Р. Л.


