Во изминативе денови неколкумина повозрасни граѓани на Неготино и на Велес биле мета на обиди за измама со лажни лекари, потврдија од Секторот за внатрешни работи Велес.

За „Локал Актив Вардар“, за еден од случаите раскажа Р.Б., пензионерка од Неготино. Таа во изминатата недела добила повик дека нејзината внука доживеала тешка несреќа и итно мора да биде оперирана. Лице што се претставило како директор на Општата болница во Велес, убедливо ѝ соопштило дека состојбата е сериозна и дека се потребни 20.000 евра за да се спаси ногата на девојчето и да не остане инвалид. За да звучи измамата уште поверодостојно, на телефон била пуштена жена што плачела претставувајќи ја како нејзината снаа, со што дополнително ја довеле жртвата во состојба на паника и страв.

За среќа, кога Р.Б. пристигнала во болницата во Велес и не ја пронашла внуката, веднаш повикала полиција. Парите не биле предадени, но шокот, стресот и траумата остануваат.

Според неа, измамниците се исклучително итри. Тие располагаат со лични информации, знаат имиња на роднини, ги следат жртвите и звучат убедливо. Токму затоа, ваквите измами лесно предизвикуваат паника, особено кај повозрасните лица.

Таа упати и апел до граѓаните да не подлегнуваат на паника и да не носат одлуки под притисок.

„Секогаш проверете ја информацијата директно со вашите најблиски. Пријавете го секој сомнителен повик во најблиската полициска станица. Само со внимателност, информираност и солидарност можеме да ги спречиме ваквите измами и да се заштитиме“, апелира таа преку „Локал Актив Вардар“.

Од полицијата ги потврдија овие информации и дополнија дека во ОВР Неготино се пријавени пет случаи каде што лица на возраст од 69 до 78 години пријавиле дека машко лице им се јавило, им кажало дека членови на нивните семејства се здобиле со повреди и за да се изврши оперативен зафат, потребно е да донесат пари. Побараните суми достигнувале и до 35.000 евра, а лицето во неколку од случаите се претставувало како лекар или како полициски службеник. На некои од пријавувачите им било побарано парите да ги однесат во здравствени установи во Скопје, а на други во болницата во Велес. Сите пријавувачи се посомневале, контактирале со своите блиски и сфатиле дека станува збор за измама. Еден случај бил пријавен од 53-годишна велешанка, која пријавила дека машко лице му се јавило на нејзиниот татко и му кажало дека неговата ќерка се здобила со тешки

повреди, за што е потребно да се направи операција и побарал да донесе пари за интервенција во болница во Велес.

СВР Велес апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица. Воедно, истакнаа дека се преземаат мерки за расчистување на настаните.

„Полициските службеници и во претстојниот период ќе продолжат со засилено темпо да реализираат превентивни активности за заштита од измами, особено за повозрасната популација, со цел граѓаните да се информираат и да се едуцираат за опасностите од телефонските измами, како да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами“, подвлекоа од СВР Велес.

С. Т.

*Насловната фотографија е илустративна

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE