Во велешкото езеро „Младост“, поточно во заливот кај Отовичка Река, се појави прва количина на загадување, кое минатото лето ја зароби езерската површина. Засега количините се мали и директно доаѓаат од реката. Од местото се шири смрдеа на фекалии.
Жители на населбата Отовица тврдат дека има отворени канализациски цевки во речното корито на Отовичка Река. Други граѓани тврдат дека биле сведоци на прелевање фекалии од шахтите на канализацијата во населбата Отовица, кои се излевале во речното корито.
Ситуацијата кај вливот на Отовичка Река е прикажана во снименото видео.
Антоанета Стојанова, претседателка на Комисијата за следење на состојбата на езерото „Младост“, составена од претставници на локални велешки и државни институции, како и на Владата, рече дека со покачување на температурата на воздухот, можно е да се појават наслагите од алги измешани со мртва растителна маса. Стојанова сепак најави дека ќе направат мониторинг по што ќе даде официјална изјава.
Инаку, во изминатиот период ЈП „Лисиче“ со механизација на АД „Водостопанство“ започна со чистење на брегот на езерото „Младост“ од суви наслаги и сува трска. Станува збор за спроведување на планираните активности за чистење на езерскиот брег од планираната втора фаза и ова е прво вакво чистење од изградбата на „Младост“.
„Механичкото отстранување на сувите наслаги и на сувата трска од крајбрежниот појас на езерото ‘Младост’ е во соработка помеѓу ЈПВ ‘Лисиче’ – Велес и АД ‘Водостопанство’ и со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За реализација на активностите, обезбедена е вкупна финансиска поддршка од 6.000.000 денари, од Програмата за водостопанство. Работиме на ревитализација на езерото, со цел подобрување на квалитетот на водата и дополнување на акумулацијата со свежа вода“, рече Ванче Маневски, директор на ЈПВ „Лисиче“ од Велес.
Со овој вид чистење е опфатен целиот езерски брег.
Автор и фотографии: У. Ј.


