Со кампањата „Дали ќе нè посетиш годинава“ и „Кога за последен пат беше во Стоби“, Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби ќе се обиде да ги привлече домашните туристи.
Идејата на НУ Стоби доаѓа откако беа објавени бројките за 2024 година, според кои бројот на странски посетители е седумпати поголем од бројот на домашни туристи. Лани Стоби го посетиле 11.994 странски туристи, а само 1.703 домашни.
Вкупниот број гости што го посетиле локалитетот е 18.667 колку што имало посети и во претходните години. Од овој број гости, деца биле 4.970. Најчести домашни посетители се учениците од основно и средно образование.
„Во 2025 година Стоби го посетија 18.667 посетители, од кои 11.994 беа странски, 1.703 домашни и 4.970 деца. Затоа те прашуваме, кога последен пат беше во Стоби? Кога последно се загледа во мозаиците што ги восхитуваат сите странски гости? Кога последно го почувствува трепетот на театарот, местото каде што оживуваат сите случувања во Стоби?
Нашите странски посетители отсекогаш се восхитуваат на Стоби, но нашите домашни посетители како да забораваат какво богатство имаат дома. Затоа, те потсетуваме и те покануваме да го доживееш Стоби во 2026 година!
Сакаме Стоби да биде место каде што секој посетител ќе доживее нешто посебно, па сите ваши коментари и сугестии за тоа како можеме да го направиме искуството уште поинтересно и позабавно, ги очекуваме во коментари.
Само за потсетување, Стоби е првиот локалитет на Балканот што нуди искуство со виртуелна реалност и дигитален аудиоводич. Ја имаме и immersium апликацијата“, објави археолошката установа.
Откако заврши реконструкцијата и конзервацијата на театарот, од годинава тој може да прима публика за одржување театарски претстави и концерти.
Рекордна година по посетеност е 2018-та со 22.000 гости.
O.K.


