Земјоделското земјиште во една од најплодните македонски житници е под сериозен удар на системите за добивање струја од сонце.

Автор: Мики Трајковски*

Втората по големина житница во Македонија, Овче Поле, денес е пред сериозен предизвик дали ќе продолжи да ја храни државата со лебно зрно, или, пак, да биде плодна почва за изградба и поставување фотоволтаици. Ваквиот тренд, кој станува сѐ поизразен во последните пет години, ги загрижува земјоделците, на кои единствен начин за егзистенција им се насадите на плодната овчеполска почва, која во најголем дел се наоѓа во општините Свети Николе и Лозово.

Тони Коневски, земјоделец од Свети Николе, за Локал Актив Вардар вели дека она што се случува на овчеполското земјиште е многу загрижувачко.

„Состојбата со изградбата на фотоволтаици на територијата на Овче Поле не само што е алармантна, туку е и повеќе од тоа. Фотоволтаици никнуваат на сите страни и ми се чини дека се нема контрола каде се градат“, вели Коневски.

Уште повеќе загрижуваат најавите, вели тој, дека нови земјоделски површини ќе бидат покриени со вакви системи.

Фотоволтаици на територијата на Овче Поле

„Имаме сознание дека и во делот помеѓу селата Амзабегово и Ерџелија ќе се граделе фотоволтаици на површина од околу 200 хектари. Ако е тоа точно, тогаш ќе се зголеми и температурата на воздухот за околу 2 до 3 степени. Дополнителното зголемување на температурата, само ќе ја влоши ситуацијата, бидејќи знаеме каква е состојбата со испорачувањето вода за наводнување од ‘Водостопанство’. Фотоволтаици се градат и на потегот кон селата Три Чешми и Балван, и тоа на површини што се под систем за наводнување“, додава Коневски.

Тој тврди дека поради ваквата ситуација, сѐ повеќе земјоделци од регионот решаваат да се откажат од земјоделие или од одгледување стока.

„И да не сакаат, мора да се откажат. Фотоволтаиците во атарот на село Амзабегово се на само 100 метри од првите куќи, а тој дел ние го користевме за напасување на овците и кравите. Татко ми бројот на крави од 10 го намали на 5. И тие 5 крави сега се затворени во јасли, бидејќи нема каде да ги пушта на пасење. Во село Амзабегово имаше околу 1.500 овци, но сега нивниот број е само околу 100-150 благодарение на фотоволтаиците. Останатите луѓе мораа да ги продадат затоа што тој простор порано беше паша за овците“, вели Коневски.

Овчеполието – „елдорадо“ на зелената енергија, но и предизвик за земјоделството

Просторот во Овче Поле е со изразено рамничарски релјеф, поволна географска положба и специфични климатски услови – топли лета, умерени зими и голем број сончеви денови во текот на годината. Токму овие карактеристики го прават регионот еден од најпогодните предели за развој на обновливи извори на енергија, но истовремено и еден од најзначајните земјоделски региони во државата, вели за Локал Актив Вардар Бојан Максимов, докторанд по инженерство за заштита на животна средина.

„Според релевантни анализи за сончевиот потенцијал, Овчеполието има 260 до 280 сончеви денови годишно, со високи вредности на глобално сончево зрачење, што го позиционира како природен кандидат за поставување фотоволтаични централи. Дополнително, присуството на постојани и стабилни ветрови овозможи и развој на системи за искористување на ветерната енергија. Во регионот веќе е изграден ветерен парк со девет ветерници, а во изминатите години се реализираат и значајни инвестиции во соларни електрани“, додава Максимов.

Според неговите анализи, во Овче Поле, особено во атарите околу Свети Николе, се воспоставени соларни паркови на површина од стотина хектари.

„Со изградбата на ‘Ветропарк Богословец’ и најавените соларни проекти со инсталирана моќност од десетици мегавати, Свети Николе се позиционира како една од општините со најголемо производство на електрична енергија од обновливи извори во државата“, вели Максимов.

Тој смета дека иако развојот на зелената енергија е неопходен и позитивен чекор кон заштита на животната средина и енергетска независност, се отвора сериозно прашање: дали искористувањето обработливо земјоделско земјиште за производство на зелена енергија е најсоодветното решение.

Фотоволтаици на територијата на Овче Поле

„Овчеполието, историски гледано, е земјоделски регион. Самото име го должи на богатите пасишта и обработливи површини, а делови од котлината располагаат со плодна алувијална почва, погодна за производство на храна. Во услови на глобални кризи, климатски промени и растечки притисок врз прехранбените системи, губењето на квалитетно земјоделско земјиште може да има долгорочни последици врз локалната економија, руралниот развој и прехранбената безбедност“, вели тој.

Слично размислува и професорот од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, Ордан Чукалиев, кој за Локал Актив Вардар вели дека со изградбата на фотоволтаичните паркови на земјоделско земјиште, државата губи тони приноси со пченица.

„Можеби 150 хектари не е премногу, а некој ќе рече голема работа, но 3 тони пченица е приносот што се добива од 1 хектар. Тоа значи дека на 150 хектари ќе се добијат 450 тони пченица. Тоа не е многу, бидејќи ние увезуваме многу повеќе од тоа, но зошто да се откажеме од нашето производство“, вели Чукалиев.

Чукалиев смета дека овие 150 хектари можеби се само почеток на сѐ поголемиот замав што го зема бизнисот со соларните фарми во земјата.

„Да тоа е само почеток. Секој што направил некакви пари во државата, сега сака да влезе во енергија. Никој не сака да одгледува домати, каде што некој прекупец ќе влезе и ќе му диктира цена од која тој нема да може ништо да направи. Тоа е нормална појава, бидејќи ништо не се направи земјоделецот да се чувствува сигурен на своето, односно дека со таа земјоделска активност ќе може да ја прехрани фамилијата и да ја помине годината. Не се презема ништо земјоделците да се заштитат од загуба на нивниот приход. Сега имаме многу ситни површини со земја, имаме многу стари земјоделци, но и голем број луѓе што се водат како земјоделци“, вели професорот Чукалиев.

Еден мегават инсталирана моќност отпаѓа на површина од 1 до 1,8 хектари земјоделско земјиште. Тоа зборува, вели професорот, дека приходот што би се остварил од бизнис со фотоволтаици, не може да се спореди со приходот остварен од земјоделие.

„Јас сум свесен дека се тоа повисоки приходи, но свесен сум дека тоа не го прават земјоделците, туку дека тоа го прават некои инвеститори. Земјоделецот не може да подигне 1МW фотоволтаична централа, туку некој инвеститор ја купува земјата од него и подига централа. Во моментот тој што има пари ќе го истера земјоделецот од тоа земјиште, од каде тој не може ништо да спечали, бидејќи од хектар пченица со овие откупни цени, вие не можете повеќе од 100 или 200 евра да заработите. Од тоа не може да се живее и затоа луѓето ги продаваат имотите“, додава професорот.

„Секој што направил некакви пари во државата сега сака да влезе во енергија. Никој не сака да одгледува домати, каде што некој прекупец ќе влезе и ќе му диктира цена од која тој нема да може ништо да направи“, вели Ордан Чукалиев, професор од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје

Eлдорадото од фотоволтаици на земјоделски земјишта се случува во време кога државата увезува дури 70 отсто од земјоделските производи.

Со закон да се забрани секаква пренамена на земјоделско земјиште од повисока категорија

Целото земјоделско земјиште низ државата е поделено на класи и тие се заведени во катастар.

Професорот Чукалиев ги повикува надлежните институции да ги заштитат земјоделските површини од повисоки категории, како и земјоделското земјиште низ кое поминуваат системите за наводнување, за да не бидат зафатени не само со фотоволтаици, туку со никаков друг објект, бидејќи тоа е она што треба да се зачува за идните генерации.

„Ако ги уништиме сега тие површини, господ знае што ќе се случи со микробиолошкиот, односно со целиот почвен живот, со тоа што го викаме здравје на почвата. Сигурен сум дека нешто ќе дојде и претпоставувам дека тоа ќе биде негативно, бидејќи условите за живот ќе се променат. Мое мислење е дека пренамената на земјоделско земјиште од повисока категорија, како и на земјоделско земјиште што се наводнува, мора да се забрани со закон и да важи за сите, не некој да може, а некој да не може да пренамени земјоделско земјиште. Високите категории и наводнуваното земјоделско земјиште се тоа што нас нѐ храни“, порачува Чукалиев.

Според Чукалиев, поголемиот дел од Овче Поле е плодно, со исклучок на одредени површини. Но, тој вели дека плодноста не може да се активира на многу места бидејќи насекаде во Овче Поле нема наводнување. Тој смета дека долгорочно е многу подобро државата да инвестира во системи за наводнување отколку да се оди кон поставување фотоволтаици.

„Долгорочно да, бидејќи ние ќе треба да го заштитиме и да го задржиме во полна кондиција нашето земјоделско земјиште. Јас верувам дека иднината е во храната. Јасно ми е дека енергијата во моментот е бонбона бизнис, сите сакаат бонбона бизнис, но го уништуваат она што ни треба“, вели професорот.

Фотоволтаици нека се градат на голите ридови над Овче Поле

Земјоделците, пак, бараат државата да ја стопира во целост изградбата на фотоволтаици во Овче Поле.

„Ние како земјоделци бараме веднаш да се стопира изградбата на фотоволтаици на обработливо земјиште во Овче Поле, бидејќи овие села, какви што се Амзабегово, Ерџелија, Мустафино, Кадрифаково, Балван, Три Чешми, Врасаково и други,  благодарение на системот за наводнување не се толку иселени, но со оваа политика и тие села ќе се запустат. Ако на државата ѝ е толку до изградба на фотоволтаици, има голи ридови на кои нема ниту дрво ниту трева, па таму нека градат, а не долу во полето“, вели Тони Коневски, земјоделец од Свети Николе.

Тони Коневски, земјоделец од Свети Николе

„Кај нас, на мој предлог и со поддршка од Советот на Општина Лозово, не дозволуваме поставување фотоволтаици на прва, втора и трета категорија земјоделско земјиште. Тоа е со цел да биде зачувано во целост плодното земјоделско земјиште. Приоритет има земјоделието и нема да дозволиме постапки на овие категории земјоделско земјиште“, вели градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски

Се сомневаат дека земјоделски површини што се од највисока категорија, понекогаш се заведуваат како земјишта од пониска класа само за да потоа се овозможи на нив да никнат вакви системи.

„Фотоволтаици на земјоделско земјиште од прва и од втора класа мислам дека има на потегот од село Ерџелија спрема село Кадрифаково. Тука земјиштето мислам дека се води како да е од пониска класа, а во реалноста е од прва или втора класа. Се зборува дека на местото каде што требаше да се гради карго-аеродромот, ќе се градат фотоволтаици, а тоа земјиште е од прва и втора класа. Месното население од село Мустафино се откажа од земјоделското земјиште за некаков си надоместок, но со надеж дека на карго-аеродромот ќе работат наши деца и ќе имаат некоја егзистенција, а сега со изградбата на фотоволтаиците бенефит ќе имаат само два-тројца луѓе. За да се стопира иницијативата, мислам дека немаат слух ниту во Владата ниту во општината“, вели Коневски.

Тој не ја исклучува можноста да организираат протести, но вели дека поддршка ќе мора да даде и локалното население, бидејќи и нив треба сето ова да ги засега.

„Благодарение на тоа земјоделие се прехрануваат, во спротивно Овче Поле ќе треба да биде зависно од увоз на храна“, додава земјоделецот Коневски.

Годишно се поднесуваат и по десетина барања за изградба на фотоволтаици

Барањата за изградба на фотоволтаици, заинтересираните инвеститори ги поднесуваат до општините.

Од Општина Свети Николе за Локал Актив Вардар велат дека според системот за е-градежна дозвола, располагаат со податок дека околу 830.380 m2 површина е зафатена со инсталирани фотоволтаични панели за производство на електрична енергија во Овче Поле.

„Немаме можност да знаеме колку од нив се изградени и веќе ставени во функција и 100 % експлоатација, меѓутоа доколку сите регистрирани барања за одобренија за градење преку системот е-градежна дозвола се инсталирани и 100 % во функција, би произведувале околу 59.131 kW/h“, велат од Општина Свети Николе.

Локалните власти признаваат дека дел се изградени и на земјиште од прва и втора класа, а некои од нив се на приватно земјиште.

„Немаме точен податок за сите на која класа на земјиште се изградени, меѓутоа почнуваат од четврта класа, па нагоре петта, шеста класа. Но има и некои случаи што се изградени и на прва или втора категорија земјиште“, додаваат од Општина Свети Николе.

Велат дека законската постапка за издавање одобренија за градење фотоволтаични централи е иста како и другите одобренија преку системот е-градежна дозвола.

Фотоволтаици на територијата на Овче Поле

Според податоците што ги добивме, тој број е во постојан пораст.

„Во 2025 година има поднесено неколку барања во системот 5 – 10, меѓутоа повеќето се за измени во тек на градба или прибавување одобрение за кабелски вод за приклучок на централата во одредена трафостаница од ЕВН или одобрение за градење трафостаници. Од 2020 година, па до 2024 година, има поднесено околу 30-35 барања, што не значи дека сите се одобрени. Тие барања што не ги исполнуваат условите според Законот за градење, се одбиени со решение“, велат од Локал Актив Вардар од Општина Свети Николе.

Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, општина чијашто територија лежи на Овче Поле, вели дека нема да дозволат изградба на фотоволтаици на плодно земјиште.

„Кај нас, на мој предлог и со поддршка од Советот на Општина Лозово, не дозволуваме поставување фотоволтаици на прва, втора и трета категорија земјоделско земјиште. Тоа е со цел да биде зачувано во целост плодното земјоделско земјиште. Приоритет има земјоделието и нема да дозволиме постапки на овие категории земјоделско земјиште“, вели Цветковски.

Загриженост кај граѓанскиот сектор

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ велат дека во време кога светот се соочува со климатска криза што го отежнува производството на храна, бараат да се преиспита потребата од законски измени со кои се овозможува трајна пренамена на земјоделските земјишта во градежни земјишта за развој на обновливи извори на енергија.

„Нашата загриженост е дека поради предложената можност за трајна пренамена на најплодното земјоделско земјиште за хидроелектрични централи, термоелектрични централи, нуклеарни електрани, ветерни електрани, концентрациони сончеви електрани, електрани на биогориво и површински соларни и фотоволтаични електрани ќе ја ограничи намената на локации со плодна почва во државата за обезбедување храна за населението. Плодните земјоделски земјишта никако не би смеело да се пренаменуваат во градежни земјишта за енергетски градби или индустриски објекти“, велат од „Еко-свест“.

Оттаму алармираат дека под влијанија на климатските промени, земјоделското земјиште има негативен тренд на деградација на почвите, со што се намалени приносите на храна и општата плодност на земјиштето, се загрозува егзистенцијата на земјоделците и се напуштаат земјоделски култури.

Измените на Законот велат дека биле спротивни на актуелните политики за земјоделие и рурален развој на државата како и на политиките за климатска акција усвоени во последните три години.

„Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да им се нанесува огромна штета на државата, на граѓаните и на земјоделците. Криминално е и заплашување на локални заедници од страна на институции и на цели региони каде што најголема економска дејност е производството на храна, со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата. Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште, претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја, кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасиштата што со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за обновливи извори на енергија“, велат од „Еко-свест“.

„Недозволиво е поради заштита на интересите на приватни инвеститори да им се нанесува огромна штета на државата, на граѓаните и на земјоделците. Криминално е и заплашување на локални заедници од страна на институции и на цели региони каде што најголема економска дејност е производство на храна, со цел овозможување на грабање на плодното земјиште во земјата. Нашата земја има ограничени површини на плодно земјоделско земјиште, претежно лоцирано во котлините како ливади, ораници, бавчи, овоштарници и лозја, кои се основа за земјоделското производство. Најголем дел од земјоделската површина се пасиштата, кои со предложените измени ќе можат да бидат пренаменети во нови енергетски централи за обновливи извори на енергија“, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Тие алармираат дека при непланска изградба на енергетски градби што користат обновливи извори на енергија, се забрзува константното намалување на плодните земјоделски површини, што значи ризик врз производството на храна, зголемен увоз на овошје и зеленчук со непознато потекло и поголеми трошоци за населението.

Велат дека биле подготвени повеќе научни студии, кои покажувале дека има многу локации за развој на нови енергетски проекти во области што немаат влијание врз животот на локалните заедници. Пример за такви локации биле деградирани земјишта од стари рудници, индустрии, одлагалишта на јаловина, стари депонии.

Оваа организација во соработка со МАНУ објави студија и методологија за користење рудници и други браунфилд локации за изградба на соларни и ветерни електрани. Притоа идентификувале 4 локации на деградирани земјишта, кои би можеле да се искористат за изградба и развој на производни постројки на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

„Доколку инвестициите се насочат на половина од овие одредени локации, овие проекти би можеле да генерираат речиси 8 пати повеќе електрична енергија од моменталниот инсталиран капацитет во државата“, утврдила студијата.

Од „Еко-свест“ уште во ноември 2023 година побараа измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште да бидат итно повлечени, а надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство да донесе одлука со која ќе се забрани негова пренамена во градежно земјите за развој на енергетски проекти или други неземјоделски цели.

Измените на Законот за земјоделско земјиште почнуваат од 1 јануари 2026 година

Измените на Законот за земјоделско земјиште се направени во октомври 2024 година, а примената започна од 1.1.2026 година.

Наспроти стравувањата на стручната јавност, од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) велат дека целите на Законот за земјоделското земјиште се рационално користење на земјоделското земјиште како ограничен природен ресурс и заштита на земјоделското земјиште.

„Во таа насока се и измените на Законот, кои ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2026 година, а предвидуваат предмет на постапка за пренамена да може да биде земјоделско земјиште: со катастарска класа V, VI, VII, VIII и некатегоризирано земјоделско земјиште, во согласност со класификацијата на Агенцијата за катастар на недвижности, над кое не се применуваат хидромелиоративни мерки, каде што има наклон на земјиштето поголем од 15 %, кое е контаминирано и загадено и е непогодно за производство на храна, кое претставува камењари, неплодни земјишта, мочуришта, трстици и деградирани пасишта, кое не е дел од блокови со природни граници и не претставува физичка и технолошка целина, кое има намалена плодност поради примена на хемиски и биолошки мерки на почвата, каде што со пренамената нема да дојде до уситнување на земјоделското земјиште и не е предмет на консолидација или размена“, велат од МЗШВ.

Од Министерството додаваат дека по исклучок од горенаведеното, предмет на пренамена може да биде и земјоделско земјиште, по претходно поднесено барање од донесувачот на урбанистичкиот план, со кој се планирани градби од јавен интерес утврдени со закон, но без притоа да прецизираат за какви градби се однесува тоа.

Постојат алтернативни решенија

Бојан Максимов, докторанд по инженерство за заштита на животна средина

Бојан Максимов, докторанд по инженерство за заштита на животна средина, вели дека искуствата од повеќе европски и светски земји, какви што се Германија, Франција, Италија, Јапонија и Холандија, покажуваат дека енергетската транзиција и земјоделството не мора да бидат во судир и сè почесто се применува концептот на агрофотоволтаика – систем во кој соларните панели се поставуваат на поголема висина, овозможувајќи под нив непречено одвивање на земјоделските активности. На овој начин се постигнува двојна корист од просторот, производство на електрична енергија и производство на храна.

„Дополнително, постојат и други одржливи решенија: користење маргинални, деградирани или слабо продуктивни површини, поставување фотоволтаици на покривни конструкции на индустриски и комерцијални објекти, што веќе покажува одлични резултати во Свети Николе и во поширокиот регион, прецизно просторно и стратегиско планирање, засновано на анализа на почвата, на микроклиматските услови и на реалните локални потреби“, вели Максимов.

Тој смета дека развојот на обновливите извори е неопходен и добредојден, но мора да биде воден од јасна визија, стручни анализи и активно вклучување на локалната заедница.

„Прашањето не е дали ни е потребна зелена енергија – туку како да ја произведуваме на начин што ќе биде навистина одржлив, и за природата, и за земјоделството, и за идните генерации“, смета Максимов.

И професорот Чукалиев е на мислење дека треба да им се овозможи на самите земјоделци, преку добивање субвенции, да инвестираат во т.н. агроволтаици.

„Тоа се проѕирни фотоволтаични панели, преку кои поминува светлината и под кои може да се изведува земјоделско земјиште, а тоа земјоделско земјиште ќе биде заштитено од град, ќе се јавува помалку мраз и ќе има подобро производство, а тие фотоволтаици ќе носат додатен приход на фармата“, вели Чукалиев.

Максимов предлага отпочнување јавен дијалог на оваа тема, велејќи дека Овчеполието денес е пример за регион што се наоѓа на крстопат помеѓу зелената енергетска иднина и зачувувањето на традиционалните функции на просторот.

„Кај стандардните системи поставени на земја, имаме производство на електрична енергија што е наменета исклучиво само за продажба и нејзино пренесување во националната мрежа, додека кај агроволтаиците се добива додадена вредност, каде што на парцелата има земјоделско или овоштарско производство, плус се добива електрична енергија за директните потреби на фармата и нејзина самоодржливост, додека вишокот енергија се предава во националната енергетска мрежа“, вели Зоран Митрески, експерт по енергетика

 Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски вели дека би било добро да се искористат европски практики во овој дел и да се имплементираат и во Македонија.

„Ова треба да се стави на маса и да се размислува интензивно за во наредниот период да можеме да ги применуваме ваквите позитивни практики и да ги следиме чекор во чекор заедно со европските држави. Во Европа агроволтаиците се веќе тренд. Треба да се размислува и кај нас да се воспостави позитивна практика, со носење повеќе регулативи и законски основи. Во Македонија засега имаме поставување фотоволтаици само на земја и на кровни површини“, вели Серафимовски.

Според него, агроволтаиците ќе бидат во функција за заштита на земјоделските производи од град, суша, снег и дожд, што значи дека тие истовремено се корисни и за земјоделецот и за земјоделските површини.

За Зоран Митрески, експерт по енергетика, агроволтаиците се најдоброто решение во земјоделството. Тоа на насадените парцели со земјоделски или овошни култури им дава додадена вредност.

„Кај стандардните системи поставени на земја, имаме производство на електрична енергија што е наменета исклучиво само за продажба и нејзино пренесување во националната мрежа, додека кај агроволтаиците се добива додадена вредност, каде што на парцелата има земјоделско или овоштарско производство, плус се добива електрична енергија за директните потреби на фармата и нејзина самоодржливост, додека вишокот енергија се предава во националната енергетска мрежа“, вели Митрески.

И покрај сите предлози и идеи, експертите се согласуваат дека без усогласување, развојот на обновливи извори може да оди на штета на земјоделството. Иако фотоволтаиците се „зелена“ енергија, долготрајното покривање на земјиштето може да ја намали плодноста и да го отежне враќањето на земјата во земјоделска намена.

* Мики Трајковски е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE