По минатогодишното отворање на ски-центарот „Михајлово“, во близината на Кавадарци, со првата ски-патека што го носи името „Македонија“, со ски-лифт со капацитет за 600 лица на еден час и скијачки појас со капацитет од 800 лица, најновиот ски-центар во земјата продолжува со инвестициите, со цел привлекување што е можно повеќе туристи. Деновиве беше отворена уште една ски-патека со должина од 1.200 метри, со што гостите сега имаат на располагање две патеки за скијање за возрасни и една детска патека за забава, односно малата патека со теписон за најмладите.
„‘Михајлово’ е подготвено и активно веќе еден месец, а многу граѓани веќе уживаа на снегот и на патеките. Денес одиме чекор напред, комплетна зимска понуда со три уредени патеки. Свеж снег, прекрасна природа и насмеани детски лица, ‘Михајлово’ е вистинското место за зимско уживање“, вели градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Скијачката сезона во „Михајлово“, кое се наоѓа во подножјето на планината Кожуф, е активна од почетокот на јануари.
Ски-центарот има и топови за вештачки снег, кои се користат активно, со цел постојана подготвеност на ски-патеките и нивно користење во текот на целата зима, во услови кога недостигот од снег поради климатските промени е присутен во цела Европа.
М. Т.


