Идејно решение за катна гаража / Фото: Општина Велес
Подземната катна гаража во центарот на Велес, врз која ќе биде изграден и плоштад, ќе биде отворена дури на 9 ноември, Денот на ослободувањето на градот.
Дотогаш велешани ќе мора да го трпат големиот метеж што се создава околу изградбата на гаражата, поради тесното грло во строгиот центар на градот.
Освен градежните работи, проблем за функционирањето на градот прави и дивиот паркинг што зафаќа една од двете ленти на улицата под Судот, како и новата пешачка и велосипедска патека над Судот, кои никој не ги користи.
Според надлежните, градбата доцнела затоа што била потребна дислокација на споменикот на Кочо Рацин и морало да се сечат околните дрвја.
Општина Велес го гради овој проект со пари од унгарскиот кредит за кој аплицираше при првиот повик што го распиша Владата веднаш откако се позајми од Будимпешта.
Подземната катна гаража ќе биде на три ката, со капацитет од 100 возила, во длабочина од 15 метри. Претходниот паркинг што се урна, имаше капацитет од 80 возила, па се поставува прашањето зошто градот се задолжи 2 милиони евра за гаража за да изгради дополнителни 20 паркинг-места и плус уште 1,5 милион евра за изградба на плоштад до малиот плоштад до Судот.
Според податоците од тендерот, излегува дека Велес ќе изгради најскапи паркинзи во Македонија, односно по 50.000 евра за едно паркинг-место.
Рокот за изградба на подземната катна гаража беше до март годинава. И првата фаза (изградбата на подземна гаража), и втората фаза (изградба на плоштад), на јавен повик ги добија заеднички фирмите „Делта пром“ од Велес и „Стентон градба“ од Битола. Првата е редовен добитник на тендери во Општина Велес, а втората добитник на поголеми тендери во општините и во министерствата во земјава.
О. К.


