Опис на проблемот
Како и во многу други региони во земјава, така и во Тиквешкиот регион сé уште нема шелтер центар каде жртвите на семејно насилство би можеле безбедно да престојуваат подолг период. Иако во Кавадарци постои Интервентен Центар за привремено сместување и советувалишта за поддршка, овие услуги не се доволни за трајна заштита и помош на жртвите.
Истражувањето што во април и мај 2026 година го спроведе редакцијата на Локал Актив покажа дека бројот на случаи на семејно насилство расте, а многу жени не пријавуваат насилство поради страв, срам или финансиска зависност. Дел од жртвите, по престојот во Интервентниот центар, повторно се враќаат кај насилникот затоа што немаат каде да одат.
Според психологот Катерина Витановска, од Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност – Кавадарци, важно е да се разбере дека семејното насилство не е само физичко насилство. Таа ја нагласува улогата на здравствените работници во препознавањето на насилството, во давањето психолошка поддршка и советодавна терапија во рамки на здравствената институција каде се обраќаат жртвите на семејно насилство.
Според Димитар Каракулев, долгогодишен инспектор за превенција и поранешен претседател на општинскиот Сoвет за борба против малолетничка деликвенција во Кавадарци, семејното насилство е едно од најтешките кривични дела што во последните две години е во подем во Тиквешијата. Она што е најпроблематично кај овие кривични дела што жртвите, веројатно поради страв, често сакаат да го пријават насилникот, но притоа бараат тој да биде само опоменат, а не и кривично гонет.
За состојбата со семејното и родово базираното насилство, недостатокот од шелтер центар и потребата од поголема институционална поддршка во Тиквешкиот регион, Локал Актив Вардар детално пишуваше во истражувачката сторија објавена во мај 2026 година.
Барања
#Бараме од Министерството за социјална политика, демографија и млади да преземе конкретни мерки за зголемување на поддршката на жртвите на семејно и родово базирано насилство во Тиквешкиот регион, вклучително и:
- издвојување финансиски средства во Буџетот на Министерството за постојните советувалишта и сервиси за поддршка во Тиквешкиот регион;
- организирање обуки за вработените во општините, училиштата, градинките и други установи кои работат со жртви на насилство;
- изработка на конкретен план за отворање засолниште за долгорочен престој на жртви на семејно насилство во Тиквешкиот регион.
#Бараме од општините во Тиквешкиот регион (Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман):
- во своите програми и буџети да предвидат зголемена институционална и финансиска поддршка за советувалиштата и сервисите наменети за помош на жртвите на семејно насилство;
- да обезбедат, преку граѓанските информативни центри, редовно информирање на граѓаните за тоа кои услуги за заштита од семејно насилство им се достапни;
- да формираат регионален мултисекторски стручен тим кој ќе ја следи состојбата и ќе предлага и други мерки за поголема заштита и поддршка на жртвите на семејно насилство.
#Бараме од Советите за социјална заштита при општините во Тиквешкиот регион:
- да иницираат изработка на акциски план за превенција и заштита од семејно и родово базирано насилство со конкретни мерки и препораки до локалните и националните институции.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се покрене иницијатива за изградба на шелтер центар е Здружението „ВИЗИЈА“ од Кавадарци.
Реализирани активности
- На 11 јуни 2026 година, претставничка на Здружението за родова еднаквост „Визија“ – Кавадарци реализираше работна средба со Милена Белевска, директорка на Центарот за социјална работа – Кавадарци. На средбата беше договорено Центарот за социјална работа, ЗРЕ „Визија“ и локалната самоуправа, заеднички да покренат иницијатива за обезбедување средства и воспоставување шелтер центар.
- На 12 јуни 2026 година, Здружението „Визија“ испрати официјално барање до Министерството за социјална политика, демографија и млади да обезбеди финансиска и институционална поддршка за подобрување на постојните и развој на нови услуги за поддршка на жртвите на семејно насилство од овој регион. На 18 јуни, Министерството одговори позитивно на ова барање, со информација дека давателите на постојните и новите услуги од Тиквешкиот регион можат да аплицираат на следниот јавен повик што ќе се објави на Веб страната на Министерството.
- На 17 септември 2026 година претставничка на здружението „Визија“ реализираше работна средба со вработена во Граѓанскиот информативен центар при Општина Кавадарци, како дел од планот за застапување со организирање работни средби со вработените во граѓанските информативни центри во општините од Тиквешкиот регион, со цел зајакнување на нивната улога во информирањето на граѓаните за достапните услуги за заштита, поддршка и помош на жртвите на семејно и родово базирано насилство.
- На 7 октомври 2026 година претставничка на здружението „Визија“ оствари средба со претставници на Општинската организација на Црвен крст – Кавадарци, во насока на воспоставување и унапредување на соработката со релевантните локални организации и институции за препознавање, навремено упатување и обезбедување соодветна поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство. Во разговорот беше истакната важноста од организирање обуки и работилници за вработените, со цел зајакнување на нивните знаења и вештини за препознавање на различните форми на насилство и соодветно постапување при сомневање или сознание дека одредено лице се соочува со насилство.
- На 14 октомври 2026 година, Здружението за родова еднаквост „Визија“ испрати официјален допис до Општина Кавадарци, во кој се нагласува потребата од унапредување на локалниот систем за превенција, заштита и поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство и, притоа, предлага: (1) да се воспостави соработка меѓу локалната самоуправа, Центарот за социјална работа, полицијата, здравствените и образовните институции и граѓанските организации; (2) да се формира мултисекторски стручен тим за заштита и поддршка на жртвите; (3) да назначи контакт-лице за овие прашања; и (4) да организира почетна координативна средба со сите релевантни чинители.
- Локал Актив Вардар го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


