Фото: Општина Неготино 

Од неготинската локална самоуправа информираат дека е реконструиран патот до селото Вешје, кое се наоѓа на околу петнаесетина километри од Неготино.

„Општина Неготино реализираше уште еден исклучително значаен проект за граѓаните, и тоа со средства обезбедени преку вториот повик на Владата на Република Македонија. Имено, завршија градежните работи за реконструкција на патниот правец Долни Дисан – Горни Дисан – Вешје“, соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму појаснија дека должината на реконструираната траса изнесува 1.493 метри, а вкупната вредност на проектот изнесува 16.107.762,50 денари.

„Локал Актив Вардар“ пред околу две години објави сторија за ова преубаво неготинско село, при што забележа реакции на жители, кои рекоа дека патот им го прават како со лажичка да им го даваат.

Пред повеќе од 10 години, најголемиот дел од вешјани ги бојкотираа тогашните претседателски избори, бидејќи, како што рекоа, беа лути на сите власти дотогаш, кои не им обезбедиле асфалтиран пат до селото. Во тоа време, стануваше збор за околу пет километри.

Претседателот на месната заедница Крсте Николов тогаш кажа дека без пат, условите за живот во селото се многу тешки, дека егзистираат од земјоделство и сточарство. Тој додаде дека изборите ги бојкотираат и сите оние што потекнуваат од ова село, а живеат на различни делови од Тиквешијата. Деценија подоцна, кога „Локал Актив Вардар“ ја подготвуваше сторијата, еден дел од патот сѐ уште не беше асфалтиран. Недовршениот пат, нагласи тогаш тој, беше најголем проблем за селаните. А патот им е потребен за да се вратат повторно да живеат во Вешје, овде да прават бизнис, да го пренесуваат грозјето и да развиваат селски туризам.

Засега, според лични карти, бројот на постојани жители во селото Вешје изнесува 35, но многу поголем е бројот на оние иселените, кои продолжуваат редовно да доаѓаат и да ја обработуваат земјата и да престојуваат во своите стари или реновирани куќи и викендички. Изградени се дваесетина нови викендички. Сите што ги сретнавме за време на нашиот престој таму, истакнаа дека животот во селото е многу убав и мирен. Со тага се присетуваа на убавите денови кога во селското училиште имало и по 120 деца, а во селото околу 300 постојани жители.

Р. Л.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn
Scroll to Top

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE